МНР: Идеите на медијаторот не се коментираат јавно пред да се направи темелна анализа


Согласно дипломатската пракса, идеите на медијаторот не се коментираат јавно пред темелна анализа и изграден став на државниот врв, велат од Министерството за надворешни работи за МИА во врска со вчерашната изјава на македонскиот преговарач во спорот со Грција за името, Васко Наумовски.

„Учеството во процесот за надминување на разликата околу името меѓу Македонија и Грција бара висок степен на професионалност и одговорност. Градењето мостови и отворањето врати кон европската и евроатлантската иднина на земјата бара трпение и посветеност“, додаваат од МНР.

Од таму укажуваат дека идеите на медијаторот не се коментираат јавно пред темелна анализа и изграден став на државниот врв.

„До овој момент во Министерството за надворешни работи на Република Македонија сè уште немаме добиено целосен извештај од вчерашната средба во Њујорк“, наведуваат од МНР.

Македонскиот претставник Наумовски по последната рунда разговори во Њујорк синоќа изјави дека предлозите изнесени од медијаторот Метју Нимиц се далеку од достоинствено решение. Тој меѓу другото рече дека од медијаторот биле презентирани некои идеи за кои смета дека излегуваат од рамката дадена во Резолуцијата 817 на Советот за безбедност.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1