Вонредна состојба во администрацијата, мобилизирање на сите, од министри, преку заменици, државни секретари, советници, службеници, „прогласи“ денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во изјава пред почетокот на состанокот на Работниот комитет за евроинтеграции.
Годинава ја означи како клучна за евроинтегративните процеси на Македонија, а извештајот од Европската комисија, ако не во април, се очекува да го добиеме по изборите за Европскиот парламент, закажани за мај. Но без разлика на тоа, нагласи Османи, ќе се работи со полна пареа како да ќе има извештај во април, со цел да се испорачаат резултати од реформските процеси и да нема ниту мал простор за двоумење меѓу 27-те земји-членки на Унијата.
– Уште од првиот ден да се мобилизираат сите можни ресурси во администрацијата, но и надвор од неа во пресрет на најважните месеци за евроинтегративниот процес на РМ. Ова е уште една историска година за РМ, но сега за жнеење на резултатите кои ги очекуваме од двата најважни процеса, интеграцијата во ЕУ и членството во НАТО. Од денеска, на некој начин, прогласуваме вонредна состојба во администрацијата, ги ставаме на располагање сите можни тела, сите луѓе од раководители, до министри, заменици, државни секртетари, до последниот човек со цел да се спроведуваат реформите, да се испорачаат резултати, согласно препораките од Советот на ЕУ, дадени минатата година во јуни. Но, и да има конкретни резултати од носењето на тие реформи, кои ќе ги направат општеството и државата поевропска и ќе дадат доволно аргументи да ги убедиме земјите-членки и формално да го почнеме датумот за преговори, рече Османи, нагласувајќи дека со тоа ќе се отвори патот оваа година да ја имаме првата меѓувладината конференција.
На состанокот на Работниот комитет, како што најави Османи, се прави пресек на Планот 18 и обврските за следните месеци, сработеното од подготвителните состаноци, но се разговара и за формирање на преговарачките структури.
Техничкиот преговарач Бојан Маричиќ потсети дека подготвителните состаноци за преговори се почнати во септември 2018 година.
Досега се одржани за пет поглавја: правосудство, темелни права и правда, слобода и безбедност, финансиска контрола, јавни набавки и пазарот на услуги. Оваа недела ќе има состаноци посветени на економската монетарна унија и пазарот на капитал, а во следните шест месеци ќе треба да се завршат технички подготвителните состаноци за 21 поглавје.
-До крајот на 2019. очекуваме да ги поминеме сите 34 поглавја, до средината на годината доколку се постигне очекуваното и доколку го задржиме темпото на реформи да добиеме позитивна препорака во извештајот на ЕК, како и позитивна политичка одлука од Европскиот совет, што ќе значи и официјално почнување на преговорите, нагласи тој.
Османи истакна дека во овој важен период настрана треба да се остават политичките разлики и сите да се фокусираат на заедничката цел.
-Да ги оставиме политички разлики, да го воздигнеме процесот над партиските и индивидуалните интереси, шансата е неповторлива, граѓаните чекаат три децении за овој момент, сега е шансата да ги убедиме 27 земји-членки на ЕУ и да ги почнеме преговорите оваа година.