Сопругата Рузан го родила Лео во ерменската болница на 21 јануари, а само неколку часа подоцна, таткото добил ултиматум – да одбере помеѓу жената која ја сака и новородениот син.
Имено, Рузан и нејзиното семејство одлучиле дека најдобро решение е да го напуштат Лео затоа што тој има Даунов синдром. Мајката одбила да го погледне и да го допре затоа што во ерменската култура, децата со Даунов синдром “се срам за целото семејство”.
“Педијатарот излезе од собата со тоа малечко злато. Го покри неговото лице, а од болницата не ми дозволуваа да го видам ниту него, ниту мојата сопруга”, изјавил Самуел за ”ABC News”, додавајќи: “Потоа дојде докторот и ми кажа дека постои проблем со мојот син”.
Иако веста го шокирала, тој во ниту еден момент не помислил да го напушти своето дете: “Ми дозволија да го видам и во истиот момент реков дека е прекрасен, совршен и дека апсолутно ќе го задржам”.
Сепак, кога конечно се сретнал со својата сопруга, таа му се заканила дека ќе го напушти доколку го задржи синот, а само една недела подоцна, Рузан се развела од Самуел.
Самуел, кој инаку потекнува од Нов Зеланд, започнал со “crowdfunding” кампања се со цел да собере пари за да може со својот син да избега од Ерменија и да преживее во Окланд, работејќи со половина работно време, а за само 24 часа, тој добил повеќе од 100.000 долари.
Парите ќе бидат искористени за таткото и синот да пронајдат куќа во Окланд и да му се овозможи на Лео колку што е можно подобро образование.
Дел од парите ќе бидат искористени и за помош на родителите во Ерменија кои што ги чуваат децата со проблеми во развојот, а дел од парите ќе заврши и на сметката на ерменското сиропиталиште кое што ги згрижува напуштените деца со Даунов синдром.