Морничави сведоштва на жртвите на терористичкиот напад во Лондон: Видов жена на која што огнот ѝ ја запали кожата


Лондонската полиција и натаму е во потрага по бомбашот кој што сакал да ја разнесе станицата од подземната железница во британскиот главен град и според некои информации, тој е вооружен и можеби зад себе оставил и други експлозивни направи.

Направата од „домашно производство“ можела да убие десетици луѓе, но за среќа не била исправно детонирана и само испуштила огнена топка при што биле ранети околу 20 лица, вклучувајќи и 10-годишно дете.

Според сведоштвата, после терористичкиот напад на метро станицата „Парсонс Грин“ во западниот дел од Лондон во 8:20 часот по локално време, луѓето започнале панично да бегаат насекаде прекриени со крв и со тешки изгореници на сите делови од телата.

Фотографиите од вагонот кој што сообраќаел низ линијата „Дистрикт Лајн“ ја откриваат и експлозивната направа за која што експертите велат дека станува збор за нефункционална бомба сместена во бела канта, со Божиќи сијалички поврзани со батерија која што може да се види надвор од торбата. Сведоците откриваат дека слушнале силна експлозија и голем блесок, по што пламената топка ги зафатила патниците кои што биле најблиску до бомбата.

Од „Скотланд Јард“ велат дека станува збор за терористички напад, но не можат да потврдат дека низ лондонската метро мрежа или во близина на нападот има уште една експлозивна направа, како и за тоа дали осомничениот е во бегство.

Лук Вармзи, сведок на терористичкиот напад изјави дека експлозијата предизвикала голема огнена топка и забележал жена која што практично останала без кожа на нозете, како и мало момче со многу изгореници: „Луѓето започнаа да трчаат. Секој се грижеше само за себе кога се случи тоа. Жртвите со изгореници имаа навистина сериозни повреди на нозете“.

„Имаше многу луѓе во вагонот, млади и стари, деца кои што одеа на училиште. Видов дека дадилките во хаосот се обидуваа да ги пронајдат децата, затоа што сите беа оттуркани во големиот метеж кој што настана после експлозијата“.

Тој за британските медиуми изјавил дека забележал жена која што останала без кожа на нозете, а сите кои што биле во близина на експлозивната направа имале слични изгореници по целото тело, а некои од патниците останале и без коса.

„Почувствував силен мирис на изгорено кој што доаѓаше од вагонот. Имаше една девојка која што воопшто немаше кожа на нозете, целата облека ѝ беше изгорена. Најпрвин слушнавме тресок и вресоци, а потоа видовме блесок, чад и луѓе како панично бегаат. Беше страшно. Луѓето извикуваа „Има нож, има нож!“, но лично јас не видов никого со нож“, изјавил тој.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1