Морничаво: Колку луѓе годишно по грешка завршуваат два метри под земјата?


Прерано погребување, закоп на жив, вивисепултура, инхумација на живи луѓе: сето тоа се изрази кои се користат за да се опише веројатно најморничавата појави од која и на најхрабриот човек на светот ќе му се дигне косата на главата.

Не станува збор за намерно прерано закопување во форма на некаква казна која може да му падне на памет само на најболниот ум ниту за доброволно погребување кога лицето што се погребува е живо туку за случаи во кои постои можност човекот да „умре“, односно сите да мислат дека умрел иако е жив и да биде погребан и така закопан под земја да се разбуди од клиничка смрт во ковчегот и никој да не може да го чуе.kovcheg-660x440

Да, навистина звучи ужасно и не е чудно што многу психолошки студии покажуваат дека се работи за еден од најраспространетите човечки стравови, кој се вика тафофобија.

Во текот на 19 век поради овој страв биле измислени многу изуми, како ѕвонче на површината, кое со умрениот било поврзано со конче за да може овој да ѕвони ако се разбуди и да ги извести луѓето дека е жив.

Од чист научна страна, луѓето кои биле живи закопани умираат од душење, дехидрација глад или хипотермија во подрачјата со поостра клима.

Ова, за жал, може да трае и неколку дена, доволно долго човек да биде болно свесен за сѐ што му се случува, за ситуацијата во која се наоѓа, очајот поради неможноста да се избави, физичката болка… Оние кои преживеале сведочат дека минале низ незамисливи телесни и ментални страдања, изразени пред сѐ низ клаустрофобија од која никогаш нема да се ослободат.

Најстариот забележан случај на погрешно закопување потекнува од 14 век и се однесува на познатиот средновековен филозоф и католички теолог Јован Дунс Скот. Имено, кога неговата гробница била отворена,тој бил излезен од ковчегот, а неговите раце биле истегнати и крвави, бидејќи се обидувал да избега попусто влечејќи ја вратата кон себе.

Овие приказни доживуваат вистинска експлозија во 19 век.

На 21 февруари 1885 година Њујорк тајмс објавил вест за човек по име Џенкинс од округот Банкомб, кој по ексхумацијата бил пронајден завртен на стомак со купишта искубана коса и траги од гребење со ноктите по отворот на ковчегот. Неговото семејство било „вознемирено преку секоја мера од злосторничката негрижа“ на надлежните органи.

Лондонски Тајмс на 18 јануари наредната година објавил слична вест, за девојка по презиме Колинс од Вудсток во канадската провинција Онтарио, која била пронајдена во ковчегот свиткана во фетусна положба, а покровот во кој била закопана бил искинат на ситни парчиња.

Најновиот случај, за среќа, бил спречен во 2005 година. Вреќата со лешот била донесена во погребалното претпријатие во американската сојузна држава Масачусетс, но во неа наместо леш имало жив човек во несвест, што директорот на погребалната служба случајно открил. Веднаш повикал итна помош и го спасил несреќникот.

Неодамна на интернет се рашири приказната за 92-годишна Германка, која се освестила додека погребниците го подготвувале закопот, но не беше наведено кога се случило тоа.

А прашањето од насловот – одговорот на ова прашање не го знае никој на светот. За тоа не се зборува. Веројатно сѐ уште се случува, само што не знаеме, а можеби така е и најдобро.

Единствен начин да бидете сигурни дека ова нема да ви се случи и вам е да се определите за кремирање. Не само што нема да се доведете во ситуација да се разбудите под земја, туку ќе ѝ направите добро и на природата. Полека, можеби додека да ви дојде редот, Македонија ќе добие крематориум.

Курир.мк

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1