Во вчерашните нереди со мигрантите кои насилно се обидоа да влезат во Македонија од Грција, се повредени 23 македoнски службеници од кои 14 полицајци и девет припадници на АРМ, оштетени се три возила на МВР и пет на АРМ, како и повеќе полициски штитови и друга опрема. Нема повредени службеници од меѓународните полициски сили кои се на границата за обезбедување на протокот на мигрантите, информира Министерството за внатрешни работи (МВР) преку соопштениево кое детално појаснува за вчерашниот инцидент на јужната граница.
Според првичните проценки, наведуваат од МВР, во нередите учествувале повеќе од 3000 мигранти. Во текот на целиот настан, се вели во соопштението, грчките полициски службеници воопшто не интервенираа во спречување на нередите на граничната линија.
– Вчера, по претходно добиени сознанија дека околу 09.00 часот на Гранична камен 59 можно е да дојде до протести и обид за насилен и организиран илегален влез на мигранти на територијата на Република Македонија, беа преземени мерки за засилено обезбедување на државната граница кон Република Грција. Преземените мерки вклучуваа и засилено присуство на припадниците на МВР и АРМ на Република Македонија како и на странските полициски службеници од Унгарија,Чешка,Србија,Словенија, Хрватска и Австрија распоредени на територијата на Република Македонија, чии активности се поддржани во рамки на ЕУ специјалните мерки за поддршка на Република Македонија за справување со мигрантската криза на јужната граница во светло на европската мигрантска криза, стои во соопштението.
Од МВР додаваат дека во 09:30 часот на граничен камен 59 дошле претставници од грчката полиција и побарале да се оствари средба помеѓу претставници на мигрантите и претставник на нашите гранични служби со цел на оваа средба мигрантите лично да се уверат околу гласините дека границата е отворена, односно мигрантите да се откажат од идејата за влез во Република Македонија. Во 10:15 часот, наведуваат, на Граничниот камен 59 дојдоа претставници од мигрантите, грчки полициски службеници и новинарски екипи. При тоа мигрантите се интересираа зошто државната граница е затворена и кога повторно ќе се отвори. Од страна на претставник на МВР им е одговорено на прашањата по што мигрантите во 10:35 часот си заминаа и се повлекоа во грчкиот камп.
Потоа во 10:50 часот поголема група на мигранти, помеѓу 1000 и 2000 лица, почнаа со насилни протести на околу 100-200 метри десно од граничен камен 59, со извикување, фрлање камења и разни предмети. Од страна на униформирани полициски службеници од МВР и АРМ веднаш е почнато со одбивање на мигрантите при што употребени се и хемиски средства – солзавец. По половина час е пробиена заштитната ограда и група од 20 до 30 мигранти се обидоа илегално да влезат на територијата на Република Македонија, кои веднаш се спречени во намерата и вратени на територијата на Република Грција. Друга група мигранти, пак, според проценките меѓу 500-1000 лица, се обидоа да направат пробивање на оградата и лево од граничен камен 59, со каменување кон нашите безбедносни сили. Во 14.00 часот поголем дел од мигрантите се повлекоа на околу 50-100 метри на грчка територија и состојбата делумно е ставена под контрола, со тоа што во тој период во функција се ставени и водени топови.
– Во 14:45 часот е добиена информација дека мигрантите подготвувале молотови коктели за да ги фрлат кон нашите безбедносни сили, при што е издадена наредба безбедноста да се подигне на највисоко ниво. Се до 18:00 часот група од околу стотина мигранти од грчка територија континуирано вршела каменување на нашите служби. Половина час подоцна околу 18:30 часот состојбата е нормализирана, а сите групи мигранти се повлечени во длабочина кон грчка територија, се вели во соопштението од МВР.