МВР издадае соопштение за синоќешниот протест и немирите во Скопје, каде вели дека околу 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство и пред седиштето на СДСМ почнале да се собираат граѓани на два најавени протести.
Дел од граѓаните собрани пред канцеларијата на Претседателот фрлале камења, јајца, како и чадни бомби кон објектот. Притоа биле оштетени неколку прозорски стакла.
Во 19.40 часот дел од масата од пред канцеларијата на Претседателот се упатила пред Собранието, а масата граѓани од пред Собранието се упатила кон седиштето на СДСМ.
„Околу 21.00 часот дел од масата која била пред канцеларијата на Претседателот, успеала насилно да влезе во просториите од каде што изнела дел од инвентарот и го запалила на улицата пред објектот. Дел од истата маса, на објектот на Министерството за правда со тврди предмети ја оштетиле влезната врата и неколку прозори. Нарушителите биле потиснати и одалечени од објектот, а 13 од нив се приведени. Околу 21.30 часот насобраните граѓани од пред Собранието, Министерството за правда, канцеларијата на Претседателот и улицата Павел Шатев се разотишле. Сообраќајот во централното градско подрачје е нормализиран во 22 часот. Во 23 часот во градската општа болница за укажување на лекарска помош е донесен еден од учесниците на протестите, како и еден новинар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и по целосно документирање на истиот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, се наведува во соопштението од МВР.