Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Убиство“ и „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, СВР Охрид против Б.П.(30) и Р.С.(30) двајцата од Охрид поднесе кривична пријаваж, стои во соопштението од СВР Охрид.
При извршувањето на кривичното дело употребено е огнено оружје пиштол кое Б.П. нелегално го поседувал, а со кое убиени се Ромео Ѓ. (38) жител на селото Лескоец и Васил Р. (56) од Охрид.
Кривичното дело е извршено вчера околу 23 часот во летната бавча на угостителскиот објект „Император“ лоциран на улицата „15 корпус“ во Охрид. Тука, двајцата пријавени пристигнале со патничко моторно возило „БМВ“ со охридски регистарски таблици сопственост на приведениот Р.С. откако претходно телефонски Б.П. побарал од Р.С. да го превезе до објектот.
На летната тераса се случила кратка и жестока вербална расправија и турканица помеѓу Б.П. и сега починатиот Р.Ѓ. во која Б.П. му нанел неколку удари со рака во пределот на лицето. Во еден момент, Б.П. извадил огнено оружје пиштол кој нелегално го поседувал и испукал еден куршум кон Р.Ѓ. погодувајќи го во пределот на рамото.
Тешко повредениот Р.Ѓ. се обидел да бега кон рецепцијата на хотелот „Император“ но притоа бил погоден со уште два куршуми. Во близина на хотелската рецепција, Б.П. бил пресретнат од В.Р. (56) сопственик на „Император“ кон кого Б.П. испукал еден куршум погодувајќи го во пределот на градниот кош.
Веднаш потоа, Б.П. истрчал кон летната тераса каде го чекал неговиот пријател Р.С. и со истото патничко моторно возило избегале од местото на настанот. На пресекот на улиците „7 ноември“ и „Васил Главинов“ Б.П. излегол од возилото и избегал.
По извршените претреси по налог на судија во претходна постапка, во домот на Р.С. пронајдени се и одземени 16 куршуми различен калибар. Предметите се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.
Пријавените Б.П. и Р.С. се лица познати на службата против кои и досега биле поднесувани кривични пријави. По поднесените кривични пријави против Б.П. за „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, „Загрозување на сигурноста“ „Напад на службено лице во вршење работи од областа на безбедноста“, „Самовластие“ „Насилство“ и по други основи, тој бил и условно затворски осудуван.