Најмалку 50 луѓе се загинати во дискотеката во Кочани во која ноќеска избувнал пожар за време на концерт, потврдија од МВР за МИА.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски веќе се наоѓа на местото на несреќата и се очекуваат првите информаци. Кон Кочани се упати и премиерот Христијан Мицкоски.
Според неофицијални информации полицијата ги приведува сите лица кои на кој било начин се поврзани со организацијата на настанот. Министерството за внатрешни работи (МВР) активно работи на утврдување на причините за трагедијата, додека во тек е испрашување на сведоци и одговорни лица. Според полициски извори, во огнената стихија животот го загубиле најмалку 50 лица, додека бројот на повредени сè уште не е официјално познат. На настанот присуствувале околу 1500 гости, претежно млади.
Надлежните служби работат на утврдување на причините за катастрофата.
„Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен. Бројот на жртви и повредени се утврдува. Се уште се преземаат дејствија и се врши увид. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување“, велат од Обвинителство.
Според информациите дел од повредените околу 30 се задржани во болницата во Кочани, а околу 60 лица се препратени со возила во штипската болница.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов рече дека е веќе на терен со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и со директорот на БЈБ Александар Јанев. Тој додаде дека засега не можат да излезат со точни бројки, но ќе испратат наскоро официјално соопштение. Н
Според информациите објавени во дел од медиумите, пожарот најверојатно настанал поради употреба на пиротехнички средства. Македонија не памети ваква трагедија.
На социјалните мрежи се шират апели за помош за настраданите во пожарот во Кочани.