Првиот чартер-лет со холандски туристи, од Амстердам во Охрид пристигна утрово. Се очекува до октомври, преку 130 организирани чартер-летови, Охрид да го посетат 20.000 Холанѓани
Девојки облечени во македонска народна носија, ги понудија првите 180 туристите кои допатуваа од Амстердам, со традиционалната закуска од леб и сол, а претходно вработените на ТАВ Македонија приредија интересна глетка за присутните – воден мост во форма на виножито го опкружи авионот.
Од ТАВ Македонија велат дека се задоволни што овие чартер-летови со холандските туристи продолжуваат и оваа летна сезона, петта година по ред.
-Денеска на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле по петти пат традиционално го пречекуваме првиот лет на компанијата „Корендон“ со холандски туристи, изразувајќи им топло добредојде – со погача и сол. Меѓу патниците препознаваме и такви кои и порано доаѓале во Охрид што особено нè радува и ја потврдува нашата посветеност на патниците и нивните потреби. ТАВ Македонија заедно со Општина Охрид и со поддршка на Владата на Република Македонија и оваа година понуди услуги со атрактивни цени за чартер-компании од повеќе европски дестинации. Сето тоа, заедно и со новите редовни линии што се воведуваат летово, ќе придонесе за да се оствари уште една успешна и богата туристичка сезона на охридското крајбрежје, истакна Зоран Кртевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Од компанијата која оперира со двата македонски аеродроми, велат дека во Охрид ова лето може да се очекуваат над 20.000 туристи од Холандија, како резултат на чартер-линиите Амстердам-Охрид-Амстердам на двете компании „Корендон“ и „Аркефлај“, кои почнуваат во мај и ќе траат до октомври. Во овој период, од двете компании заедно, се очекува во Охрид да долетаат околу 130 авиони полни со холандски туристи.