Спасувачите апелираат до кандидатите да не влегуваат предвреме во вода, да имаат лесен појадок најмалку час и половина пред да се капат, како и да не пијат алкохол и да не се загреваат со топли напивки
Богојавление-Водици е еден од најголемите христијански празници и еден од најмасовните собири на кои скопјани и жителите на другите градови се обединуваат во едно верско празнување. Се верува дека оној што ќе го фати положениот крст во осветените води цела година ќе го следат среќа и бериќет. Оваа година најсреќниот од манифестацијата за Водици ќе добие бесплатна годишна претплата од дневниот весник „Нова Македонија“. За сите други учесници ќе има бесплатна месечна претплата од весникот.
Тим од единицата за специјални задачи заедно со Црвен крст чекор по чекор го пребаруваше дното на коритото на реката Вардар, каде што в недела точно напладне ќе почне манифестацијата за најголемиот христијански празник Богојавление-Водици. Традиционалната богојавленска литургија ќе почне во 9 часот, во црквите „Св. Димитрија“ и „Св. Богородица“ во Скопје, по што поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, заедно со свештенослужителите и верниците со литија, ќе излегува од „Св. Богородица“ и ќе се упати кон мостот кај хотелот „Холидеј ин“, каде што ќе ги освети водите на Вардар.
Од 16 до 67 години
Оваа година се имаат пријавено над 200 верници, меѓу нив и капачи што со децении скокаат по осветениот крст, но и почетници што досега никогаш не учествувале. Најмладиот кандидат што се има пријавено на оваа манифестација е шеснаесет годишниот Љубиша Марковиќ. А, пак, најстариот учесник што годинава ќе трага по крстот е шеесет и седумгодишниот Никола Манчев, кој веќе седум години по ред учествува на Водици.
Нова Македонија