Над 700 лица се повредени при дождот од метеорски остатоци што денеска паднаа над руската Челјабинска област во реонот на Урал, соопшти портпаролот на Министерство за вонредни состојби на Русија, Ирина Росиус.
Според Росиус, досега медицинска помош побарале вкупно 700 лица, меѓу кои и 84 деца. Од вкупниот број повредени 112 се хоспитализирани, додека останатите по укажната медицинска помош се пуштени на домашно лекување. Тројца од хоспитализираните се во критична состојба. Случаи на повредени лица од метеорскиот дожд се регистрирани во шест град во Челјабинска област.
Засилени полициски патроли се грижат за редот во регионот, а се преземаат мерки да не се оштети имотот во зградите каде има искршени прозорски стакла.
Експерти вршат и мерење на нивото на радијација во регионот и собираат остатоци од камењата кои паднаа од небото.
Некои научници претпоставуваат дека е можно земјината гравитација да откинала одделни парчиња од астероидот 2012 ДА14, кој е со големина на олимписки базен за пливање и кој вечерва ќе дојде на најблиско растојание до Земјата од 27.520 километри.
Според американската вселенска агенција НАСА астероидот 2012 ДА14, со дијаметар од околу 46 метри, ќе мине покрај Земјата поблизу од кој било друг сличен ваков објект досега.
НАСА во моментов следи над 1.300 „потенцијално опасни астероиди“, чии орбити минуваат недалеку од Земјата. Штом се доближат до планетата, тие ја менуваат својата траекторија, привлечени од гравитацијата.
– Врз нив влијаат и други фактори, нивната температура примарно се зголемува или намалува според растојанието до Сонцето, изјави Едуард Бешер, астрофизичар од универзитетот во Аризона.