Зградата била во форма на квадрат, во средина била празна и секоја училница имала природна светлина. Се наоѓала на просторот меѓу Министерството за одбрана и бараките на општина Центар, на локацијата каде што денеска се наоѓа паркингот на Одбрана. Всушност, токму таа локација е една од можните парцели за изградба на Учителската школа, пишува ВЕЧЕР.
Изградбата на зградата на некогашната Учителска школа, која целосно беше уништена за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година, проект кој неодамна го најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, ги развесели старите скопјани кои се сеќаваат на таа интересна стара градба во срцето на Дебар Маало, но ги оживеа и спомените кај повоените учители кои своето образование го добиле токму во овој образовен храм.
Еден од нив е Гале Фиданоски, пензиониран новинар и публицист кој во 1951 година, заедно со уште петнаесетина свои врсници го напуштил родното Битуше и дошол во големиот град за да учи за даскал. Се сеќава дека од пријавените 800 ученици од цела Македонија приемниот испит го положиле само 120 ученици, меѓу кои и тој самиот.\
– Учителската школа „Никола Карев” беше една од постарите згради во Скопје. Зградата беше споменик на културата и се истакнуваше со својата архитектура. Потекнуваше од турско време, со многу простории во коишто бевме сместени ние. Учителската школа беше на четири ката. Од главниот влез, преку порталот, влегуваа само учителите, ние, учениците од споредниот влез. Малку чудно за денешните генерации, меѓутоа во тоа време во училиштето влегувавме во строј, со класните раководители на чело. Мојот клас беше на третиот кат, се присетува нашиот соговорник.
Вели, дека зградата била во форма на квадрат, во средина била празна и секоја училница имала природна светлина. Бил дел од комплекс, во кој освен училишната зграда бил сместен и интернат. Се наоѓала на просторот меѓу Министерството за одбрана и бараките на општина Центар, на локацијата каде што денеска се наоѓа паркингот на Одбрана.
Всушност, токму таа локација е една од можните парцели за реизградба на Учителската школа.
– На локацијата каде што во моментов се бараките на Општина Центар беше училишниот двор, прекрасен парк со дрвја, со клупи за одмор, многу убаво уреден. Пред главниот влез имаше барака во којашто седеше домаќинот, чичко Јово, кој контролираше кој влегува и кој излегува од зградата. Ние, учениците, имавме дозвола да излеземе еднаш во неделата, да купиме тетратки и да се вратиме назад. За тоа не контролираше чичко Јово, раскажува Фиданоски.
Вели, интернатот, каде што биле сместени идните учители бил на локацијата каде што денеска е Министерството за одбрана, а кога почнала да се гради новата зграда, биле префрлени во воена барака. Внатре, во Учителска, се потсетува нашиот соговорник, на ѕидовите имало две пароли на кои се сеќава и денеска, а тие се: „И втор пат да се родам, ќе бидам учител„ и Лениновата „Учи, учи и само учи“.
Според најавите на лидерот на владејачката партија, реизградбата на некогашната учителска школа е планирано е да се опфати во програмата за инфрастурктурни инвестиции на МОН и Министерството за култура во 2017 година. Во неа ќе биде сместена некоја од државните високообразовни установи, која во моментот нема свои простории.
– Младите ќе учат во технички напредни простории и во современи услови, а град Скопје ќе добие репрезентативен проект, нагласи Груевски.