Tој е човек-приказна. Рок Цветков е Македонецот што 36 години за филмските ѕвезди во Холивуд го прави тоа што тие самите не можат ни да сонуваат, пишува Дневник.
Си го става сопствениот живот на коцка за да може публиката да ужива во вистинска акција. Досега снимил над 200 наслови, а само годинава веќе беше ангажиран како координатор на каскадери во седум филма. Неодамна го заврши снимањето и на македонско-швајцарско-хрватскиот филм „Чекај ме“, што го сними Митко Панов. Во земјава го врзуваат се помалку луѓе, ама професионално секогаш се навраќа. Негово дело се и рекламите за владината кампања за безбедност во сообраќајот „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“.
Долги години живее во Словенија и има своја продукција заедно со син му Алекс, кого од 2 години го тренира и му е одличен партнер. Дури и неговата ќерка Тјаша (28) и зетот Рок Перко (професионален скијач) работат со него. Цветков ни признава дека само сопругата не се согласува со нивната професија.
Џеки Чен, Чак Норис, Силвестер Сталоне, Жан-Kлод ван Дам и плејада други актери му беа соработнци во златните години на акциониот филм. Најимпресиониран е од професионализмот на Џеки Чен и на Силвестер Сталоне.