Полицијата на американската сојузна држава Флорида објави дека најверојатно е пронајдено телото на патник кој од авион испадна во океанот крај брегот на Мајами.
Како што пренесува локалната телевизиска станица CBS Miami, крајбрежната стража и спасувачите три дена трагаа по телото на 42-годишниот Херардо Налес кој во четвртокот испадна во текот на летот од малиот приватен авион „Piper PA 46″. Во саботата претпладнето, полицијата објави дека претпоставува оти неговото тело се наоѓа во непристапните делови обраснати со трска во заливот Бискејн. Од полицијата истакнале дека идентитетот на починатиот чие тело е пронајдено ќе биде утврден по завршувањето на форензичката истрага.
Според Управата за цивилно воздухопловство на САД (FAA), инцидентот се одиграл кога авионот се наоѓал на височина од 609 метри. Како што јавил пилотот до контролата на летањето, патникот ја отворил задната врата од авионот и паднал во океанот. Пилотот, инаку, успеал успешно да се приземји на еден од аеродромите во Мајами.