Намалени бројки за пикот на заразата, 4 смртни случаи и 13 позитивни теста во изминатото деноноќие


Рестриктивните мерки ја намалија прогнозата на здравствените власти за пикот на заразата со Ковид-19. Филипче вели дека максималниот број на заразени може да достигне до 1.700 лица, наместо првичните очекувања од 2.500 инфицирани. Ограниченото движење на граѓаните го дава посакуваниот резултат, но тоа не значи дека ќе се укинат веднаш.

„Од стручен аспект, на презентацијата заедно со епидемиолозите ги прикажавме овие криви и очекувања и во првиот момент кривата беше поставена така дека ќе стигнеме од 2.000 до 2.500 пациенти. Тогаш немавме воведено никакви мерки на рестрикција. Тогашниот број на пациенти и како беше поставена кривата беше дека проценката ќе биде од 2.000 до 2.500. Последните податоци ни покажуваат дека оваа бројка може да биде од 1.600 до 1.700 пациенти. Но, да не се опуштаме“, истакна Филипче.

И денешната статистика покажува многу поголем број на излечени од новодијагностицирани лица. Во последните 24 часа има 53 излекувани и само 13 новозаразени. Вкупната бројка се искачи 1.399.

Битката со вирусот изминатото деноноќие ја изгубија 4 лица, кои биле хоспитализирани во тешка здравствена состојба и со повеќе хронични болести.

Сепак, Филипче потенцира дека корона вирусот може да развие тешка клиничка слика и кај помлади пациенти кои немаат претходни болести, а шансите за лекување на оние кои се приклучуваат на респираторна машина се многу мали.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1