Наместо храна, дома можете да си однесете отров. И најдобрите познавачи може да згрешат. Вака врвните експерти го коментираат собирањето печурки кое секоја година поради нивно недоволно познавање, зема по неколку жртви. Лисичарка, вргањ, јајчарка, гулапка, рујница – се само дел од печурките кои може да се собираат во овој период од годината. Но секоја од нив има отровен двојник, кој наместо да ви приреди добра гозба, може да ве направи инвалид.
Во Македонија досега се забележани над 10.000 видови габи. Од нив 600 се јадат и се полни со витамини, минерали и антиоксиданси. Дури 114 се отровни, а 17 видови се смртоносни. Од печурките има и такви што предизвикуваат халуцинации и од нив во земјава се регистрирани 30- ина вида. Според експертски процени, годишно во Македонија се собираат онолку печурки колку што се произведуваат, односно од 600 до 800 тони.
Сите се јадат, но некои само еднаш
– Само добрите познавачи може да собираат печурки во кој било ден од годината. Секоја година ни се повторуваат семејни трагедии поради отровните двојници, но тоа не значи дека луѓето не треба да го консумираат овој благодат од природата. Печуркарството е цела наука и се учи цел живот – вели писателот Санде Стојчевски, еден од најдобрите познавачи на печурките кај нас. Според него, најмногу грешки и најголеми трагедии се случуваат поради двојниците на шампињоните. Шампињоните ги има на ливадите, полјаните, дома во дворовите, во пролет, на лето и во рана есен, бели се и лесно забележливи, излегуваат масовно. Најчесто за нив се мисли дека се безбедни, без да се знае дека нивните двојници аманита вироса и амнита верна се меѓу најотровните. Аманита мускарија, која ја има во сите сликовници, е отровниот двојник на аманита цезареја или кралица на печурките.
Kако најбезбедни Стојчевски ги препорачува вргањот, рујниците и големите пувки бидејќи малите може да се заменат со отровната мувоморка. Некои од печурките кои се второкласни може со добра подготовка да станат врвен деликатес.
– Поради климата, кај нас печурките имаат многу отрови. На север габите имаат помали концентрации отрови. Видови што таму се јадат овде предизвикуваат тешки труења. Во северните делови климата е поладна, нема доволно сонце и поради тоа, има мала концентрација на отрови. Во случај по јадењето печурки да почувствувате некои симптоми на труење, најважно е да се испие многу млака вода за да се поврати и што побрзо да се посети лекар. Треба се користи медицински јаглен и никако да не се пие алкохол. Вообичаените симптоми се повраќање, пролив, тресење, понекогаш и халуцинации зависно од тоа кој отров доминира – вели Стојчевски.
Професорот Југослав Зиберовски вели дека во ваква есен воопшто не треба да собираат печурки тие што не се добри познавачи.
– Со ваква клима како оваа есен и најдобрите познавачи на печурки во државава може да згрешат и да завршат фатално. Ќе заштедите малку пари, а таа авантура може смртоносно да заврши. Во услови како годинешните, кога имаме висока влажност, во изобилство има и такви што се јадат и отровни печурки. Ако не се отворени и се во форма на јајце, воопшто не треба да се собираат. Дури и јас се откажувам од одреден добар примерок ако не сум сигурен дали е отровен или не – вели професорот Југослав Зиберовски.
Според него, во моментов може да се собираат лисичарка, срндак и вргањ. Но и со нив треба внимателно да се постапува.
– Ако собирачот нема начин да провери дали некоја од печурките е отровна или не, најдобро е да ја остави. Постои посебен начин на засекување на печурката. Јас лично, доколку не сум сигурен, ја сечам и по неколку пати. Но не ја берам додека не се осигурам. Бидејќи доколку изедете отровна печурка, враќање назад нема. Ако не завршите фатално, тогаш подгответе се да останете инвалид или без половина црн дроб или без еден бубрег – дециден е Зибровски. Тој препорачува да бидеме многу внимателни доколку одлучиме сами да се снабдиме со ова богатство од природата.
– Kолку и да верувате дека ги познавате печурките, не ризикувајте – дециден е Зиберовски.
Дневник.мк