Потребни состојки за тестото на бисквитот:
- 150 г путер, омекнат
- 125 г шеќер
- 280 г брашно
Потребни состојки за слојот од карамела:
- 20 меки карамели
- 2 лажици слатка павлака
Потребни состојки за чоколадниот прелив:
- 300 г чоколадо за готвење
Подготовка на тестото на бисквитот: Загрејте ја рерната на 180 степени Целзиусови. Едно мало тавче за печење постелете го со алуминиумска фолија и намрсете ја одозгора.
Во голем сад, со миксер измешајте ги путерот и шеќерот додека не добиете креместа смеса. Потоа додадете го брашното и миксајте на најслаба брзина додека не добиете хомогена смеса. Смесата истурете ја во тавчето за печење и израмнете ја рамномерно. Печете 15-тина минути, а потоа оставете го тестото целосно да се олади.
Подготовка на карамелата: Во еден стаклен сад ставете ги карамелите и двете лажици слатка павлака. Ставете го садот околу 30 секунди во микробранова печка за да се стопат карамелите, потоа извадете ги и измешајте ги. Повторете ја оваа постапка 4-5 пати. Откако ќе добиете убава хомогена смеса исипете ја врз бисквитот и ставете го тавчето во фрижидер, убаво да се излади околу час и половина.
Подготовка на чоколадниот прелив: Во стаклен сад ставете го чоколадото и пуштете го на 30 секунди во микробранова печка за да се стопи. Потоа измешајте го и вратете го назад. Постапката повторете ја 4 пати.
Подготовка на чоколатцата: Земете еден плех за печење и постелете го со алуминиумска фолија. Бисквитот исечете го на тенки еднакви парчиња со дебелина на прст. Потоа со помош на виљушка, прободете ги штанглите и потопете ги во растопеното чоколадо. Чоколатцата редете ги на плехот и откако ќе ја завршите постапката со сите, оставете ги во фрижидер 10 минути за да се стврдне чоколадото.
kafepauza.mk