Народен правобранител: Да се создадат услови во училиштата за остварување на правата на детето


Правната гаранција на правото на бесплатно и задолжително основно и средно образование треба да се сфати многу пошироко од обезбедување бесплатни учебници и бесплатен превоз. Потребно е многу повеќе со цел осигурување на ова право на детето на еднаква и рамноправна основа. Потребни се соодветни и современи училишта, пристапни и достапни училишни објекти, современо опремени училници, квалитетни наставни содржини, целосно екипирани стручни служби, наставен кадар кој тежнее кон почитување и остварување на правата на детето, порача денеска Народниот правобранител по повод почетокот на новата учебна година.

Потребно е, се додава во соопштението од Народниот правобранител, да се создадат сите услови со цел училиштето да биде место каде што секое дете ќе добие квалитетно образование, исхрана, но и каде ќе се слушне неговиот глас во образованииот процес, преку негово активно учество во донесувањето одлуки, и во планирањето бесплатни слободни активности.

– По повод почетокот на новата учебна година на сите ученици, особено на оние кои првпат седнуваат во училишните клупи им посакувам успешен почеток, со надеж дека училиштето ќе им биде место каде што со радост и задоволство ќе стекнуваат нови знаења и вештини, ќе другаруваат со соучениците, ќе соработуваат со наставниците/професорите, и каде што ќе учат како да го развиваат и негуваат соживотот, толеранцијата и почитувањето на човековите права, се вели во соопштението.

Народниот правобранител потсетува на важноста на образованието во развојот на личноста на секој човек, во трасирање на патот до успехот, но, како што вели и на обврската за обезбедување услови за непречено остварување на ова право за секое дете, со цел подготвување на детето за одговорен живот во слободно општество.

– Ги повикувам родителите, семејството, наставниците и сите други чинители да им дадат поддршка, грижа и внимание на децата, да покажат разбирање за нивните очекувања и прашања во врска со училишниот живот, вели правобранителот и додава дека е потребно да поминат повеќе време во разговор со своите првачиња и да ги охрабрат за претстојните училишни предизвици.

– Со надеж дека оваа година ќе биде поуспешна и повеќе ќе се почитуваат правата на децата во училиштето, на сите ученици им посакувам успех, а на директорите на училиштата и на наставниците остварување на целите на образованието преку поголемо доближување до детето, неговите права и потреби, порачува Народниот правобранител на Република Македонија.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1