Во прилепското село Загорани во темелите на црквата „Св. Никола“, која се наоѓа на 2-3 километри надвор од селото, има античка статуа. Жителите велат дека оваа статуа ја откриле пред петнаесетина години, кога врз темелите на ранохристијанската црква која била во распаѓање, почнале со градежни активности за изградба на црквата, пишува Утрински.
„Без болен 9 месеци, сонив сон дека треба да ја градам црквата. Следниот ден станав од постела и се зафатив со работа. Се вклучивме сите од моето семејство, а потоа речиси и сите жители на Загорани, се менуваа, правеа ручек за мајсторите и ете денеска ја имаме оваа прекрасна црква посветена на св. Никола“, изјави Данаил Мицкоски, жител на Загорани.
Неговиот син Драган вели дека статуата прв пат ја видел при отстранување на тревките кои растеле крај темелите на старата латинска црква како што ја викале.
„Како што ги корнев грмушките, ја забележав статуата. Во темелите има други мермерни плочи со разни натписи, потоа во црквата откривме исто така некои помали експонати со некакво писмо“, вели синот Драган Мицкоски.
Според прилепскиот истражувач, новинар и публицист Тренчо Димитриоски, кој неодамна ја препознал статуата во темелите на црквата, треба да се најде начин да се заштити ова културно богатство. Статуата, вели Димитриоски, во голема мера наликува на веќе откриените статуи во атарот на селото Чепигово на античкиот локалитет Стибера.
Од прилепскиот Завод и музеј информираат дека ќе извршат увид на терен, да утврдат за што точно се работи.
Утрински Весник