Италијанската финансиска полиција заплени речиси четири милиони евра во кеш, кои биле закопани во дворот на куќата на шеф на нарко мрежа во близина на Торино.
Во рамки на истрагата се издадени 15 налози за апсење. Досега се уапсени осум лица, седум во Италија и еден во Португалија. Продолжува потрагата по останатите седум, од кои тројца се Бразилци.
Групата е осомничена за членување кон организирана мрежа за шверц на наркотици, што криумчарела кокаин од Јужна Африка за калабриската мафија ндангета.
Според полицијата тоа е една од најголемите организации за шверц на наркотици во Италија, со седиште во провинцијата Торино и со големи клонови во други области на Италија.
Закопаните пари биле „трезор“ на криминалната група. Освен тоа, во дворот се откриени голем број скапи часовници, вклучително 26 ролекси, накит и други вредни предмети.
Во рамки на истрагата што траеше неколку месеци, се запленети 415 килограми кокаин во вкупна вредност од околу 35 милиони евра.