Според податоците на Централниот регистар десетте најголеми јавни претпријатија во Македонија покажуваат дека сите заедно имаат неплатени долгови од дури 215 милиони евра. Но, и покрај тоа, во последните неколку години дел од нив успеаја да ги санираат и да го променат начинот на работење, што се рефлектираше со зголемување на приходите, па дури и со профити
Вечер анализира кои и колку од јавните претпријатија работат успешно, а кои од нив не можат да излезат од загубите кои се книжеле со години. Кои се плановите на директорите за зголемување на профитабилноста и рентабилноста на компании со кои раководат.
Според податоците од Централниот регистар двете компании коишто произлегоа од јавното претпријатие Македонски железници лани прокнижиле најголеми загуби. Десетте најголеми државни фирми меѓу кои покрај Железници се и Македонски шуми, Македонија пат, ЈСП, МРТ, Водовод и канализација, Комунална хигиена, АД за стопанисување со станбен и деловен простор и Стопанисување со пасишта лани оствариле вкупно приходи од 191,2 милиони евра, половина од нив прикажале добивка во вкупна вредност од околу 5 милиони евра, додека останатите се во загуба од дури 18 милиони евра.
Грчките штрајкови ги зголемија загубите на Железницата
Акционерското друштво МЖ Транспорт, со кое раководи Оливер Дерковски, објави дека 2012 година ја заврши во минус од 7,4 милиони евра. За споредба, во 2011 година ова претпријатие оствари загуба од 6,1 милиони евра.
Главна причина за ваквите резултати на јавното претпријатие е драстичниот пад на обемот на транспорт, особено на транзитниот кон Грција. Освен тоа, се намалил и увозот на стоки кои доаѓаат со железнички транспорт, а во исто време, трошоците за работа се зголемиле поради поскапувањето на нафтата и на струјата.
За да се зголеми профитабилноста на компанијата, минатата недела Владата распиша оглас за набавка на нови 150 вагони.
Растат приходите на Водовод
Импресивен е финансискиот извештај на Македонија пат. Ова јавно претпријатие во 2012 година ја намалило загубата од 2,1 милион евра на помалку од 1 милион евра, односно за 77%, од 4,1 милиони евра на помалку од милион евра. Ова е резултат на планот за санирање на ова јавно претпријатие којшто бил спроведен во целост, каде што бројот на вработени е намален за околу 500 лица.
Градското јавно претпријатие Водовод и канализација ја заврши минатата година со добивка од околу 260.000 евра. За една година приходите пораснале за 3,8%, а до крајот на 2012 година. Меѓутоа, најголем проблем за ова јавно претпријатие е наплатата на побарувањата. Според податоците од Централниот регистар, Водовод и канализација до крајот на 2012 година имал за наплата над 20 милиони евра. Исто толку изнесуваат и обврските
ЈСП ја намали загубата за 90%, а МРТ 2012 година ја заврши со добивка од 2,3 милиони евра
Одлични финансиски резултати лани прокнижи и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), кое успеа да ја намали загубата за над 90% од околу 800.000 евра во 2011 година на 78.000 евра лани. Како резултат на новите автобуси, според менаџментот на претпријатието намалени се трошоците, а зголемени приходите од работењето.
Македонски шуми пак иако неколку години не работи со загуба сепак има големи долгови кон државата. Ова претпријатие има долг од 43 милиони евра по основ на данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок на доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, како и камати и обврски врз основа на денарски кредити, кое што според последното законско решение доставено до Собранието ќе се претвори во траен влог на Владата.
Јавниот радиодифузен сервис МРТ минатата година оствари добивка од 2,3 милиони евра со што е на врвот на листата најпрофитабилни државни компании. Приходите на МРТ лани се зголемиле за 10,8%. Јавниот сервис до крајот на 2012 година имал долг од 17,8 милиони евра и ненаплатени побарувања од околу 10 милиони евра.
Повеќе на – Вечер