Последните години од животот Никола Тесла ги поминал дружејќи се најмногу со гулабите. Починал во Њујорк на Божиќ 1943-та. По повод 70-годишнината од неговата смрт, неколку изјави од генијалниот истражувач.
– Човекот е роден да работи, да издржува и да се бори. Кој не го прави тоа, мора да пропадне!
– Сите ние сме едно. Луѓето меѓу себе се поврзани со невидливи сили.
– Силно верувам во правилото на компензација. Вистинските награди секогаш се во сооднос со трудот и жртвата.
– Последните 29 дена во месецот се најтешки.
– Ако имам среќа да остварам барем некои од своите идеи, тоа ќе биде добродело за целото човештво.
– Јас сепак сум поразен човек. Јас не го остварив она најмногу што можев.
– Во вселената и природата постои повисок морал. Научникот треба него да го следи. Што се однесува до човековиот морал, сета историја може да се сведе на два збора: крв и злато. И само крвта тече и златото сјае. Тоа се стихови од Ендре Ади. Така ќе биде се додека меѓу луѓето не завладее моралот на ѕвездите.
– Насочете ја сета витална и духовна енергија на делото. Оттаму и чистење од многу работи и потреби кои ги има човек. Јас со тоа не изгубив ништо, туку само добив. Толку добив, што се радував на секој свој ден и ноќ. Запишете – Никола Тесла беше среќен човек.
– Кога некој од моите блиски луѓе бил повреден, јас сум чувствувал физичка болка. Тоа е така зашто нашите тела се од слична градба, а душите се поврзани. Неразбирливата тага која понекогаш нè обзема, значи дека некаде, на друг крај на светот умрело дете или добар човек. Цела вселена во одредени периоди е болна, од сама себе и од нас.
– Она што најмногу го забавува човековиот напредок е незнаењето, она што Буда го нарекува најголемо зло на светот.
– Нашите доблести и нашите неуспеси се неразделни, како силата и материјата. Кога ќе се одвојат, не постои човекот.
Извор – Он.нет.мк