Нели ќе поевтинуваа СМС пораките?! Еве колку плаќаме се уште


Македонските граѓани плаќаат едни од највисоките тарифи за испраќање текстуална порака во регионот, кои достигнуваат и до 6,3 денари во домашниот сообраќај. Мобилните оператори не ги намалуваат цените за СМС, иако од почетокот на годинава големопродажната цена падна за 75 проценти. Од новината засега имаа корист само корисниците со високи претплати кои добиваат можност за испраќање неограничен број пораки, но очекувањата дека сите ќе добијат поповолни услови за праќање СМС, досега не се остварија.

SMSЦената на една порака во припејд понудата на „Т-мобиле“ чини од 2,9 денари во „изи СМС“ тарифа до 4,9 денари во тарифата „изи ток“. Постпејд-корисниците, пак, доколку не ја одбрале најскапата претплата од понудите „смарт“ или „плеј“, една СМС-порака плаќаат по 5,9 денари. За пакетите од тарифите „фемили“, пораките се бесплатни во рамките на броевите од семејството. Најевтина постпејд-порака во „Т-мобиле“ можат да пратат пензионерите, за 2,4 денари, како и лицата со посебни потреби, за 2,9 денари, кои го користат моделот „посебен“. Бизнис-корисниците, плаќаат различна сума за СМС, во зависност од висината на претплатата и една порака може да чини од 2,2 денари до 6,3 денари. За оние кои сакаат да праќаат многу пораки „Т-мобиле“ нуди можност секој месец да активираат еден од СМС-пакетите.

Во „Вип“ постпејд-тарифите една порака чини 4,9 денари. Во трите најскапи тарифи, од петте „Вип фри“ опции, испраќањето СМС е неограничено кон сите мрежи, а во поевтините се плаќа по редовна цена. Во припејд-понудата, овој оператор наплатува една порака од 2,3 до 5,7 денари, во зависност од избраната опција. Пораките најчесто чинат 2,3 или 2,5 денари, треба да се исполнат условите сметката редовно да се надополнува со по 100 денари, на секои 30 дена.

Корисниците на операторот „Оне“ за еден СМС плаќаат од 2,9 денари во „Џабест“ опцијата до 5,9 денари во другите припејд-понуди. Операторот нуди и СМС-пакет за 99 денари со 200 пораки кон сите мрежи. Во постпејд, четири од шестте „тотал“ тарифи со највисока претплата нудат неограничено испраќање СМС, а поевтините по 100 или 300 СМС. Цената на една порака е 5,9 денари.

Агенцијата за електронски комуникации, која минатата година ја донесе одлуката за намалување на големопродажната цена, најави дека очекува потегот да го стимулира на пазарот и конкуренцијата, а цените да паѓаат до 1,25 денари за една СМС. Според податоците на АЕК, граѓаните во просек месечно зборуваат на мобилен телефон по нешто помалку од три часа, а испраќаат повеќе од 22 милиона СМС-пораки.

„Рано е да очекуваме резултати од намалувањето на големопродажната цена, бидејќи помина малку време за компаниите да можат да направат анализа. Првичните реакции во поглед на поволните понуди кај поскапите претплати беа очекувани и се случија, а следен чекор за кој ќе треба малку подолг период е намалувањето на малопродажната цена“, вели Владимир Ристевски од АЕК.

Утрински Весник

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1