Исламистичкиот водач Доку Умаров изјави дека ќе преземе се што е во негова моќ за да спречи да се одржат Олимписките игри (ОИ).
Овој самопрокламиран „емир на Кавказ” беше организатор на самоубиствениот бомбашки напад во московското метро пролетта 2010 година. Во него животот го загубија 40 лица, а повеќе од 100 лица беа повредени. Тој стои и зад нападите во јануари на аеродромот во Домодедово, каде настрадаа 37 лица, а 180 беа ранети.
Поради ваквите напади Умаров во медиумите беше наречен „руски Бин Ладен”. Во февруари 2012 неочекувано им наредил на своите муџахедини да не напаѓаат цивилни цели во Русија, туку да се концентрираат само на воени и безбедносни мети.
Меѓутоа, подготовките на руските власти за Зимските олимписки игри во Сочи, кои ќе бидат одржани во февруари, очигледно влијаеле на Умаров да го промени своето мислење. Тој во порака, која ја пренесоа руските медиумите, најави дека ќе ја употреби целата негова моќ и максимална сила да го спречи одржувањето на Олимпијадата, во близина на Кавкаските планини.
„Денес мора да им покажеме на сите оние што живеат во Кремљ дека нашата добрина не е наша слабост. Тие планираат да одржат Олимписки игри врз коските на нашите предци. Врз коските на многу мртви муслимани погребани во нашата земја покрај Црното море. Од нас, како муџахедини, се очекува да не дозволиме да се случи тоа. Ќе ги користиме сите методи кои ни ги дозволил Алах”, стои во пораката на чеченскиот терорист кој истата ја снимил во планина облечен во маскирна униформа.
Американскиот Стејт департмент во 2010 година, „емирот од Кавказ” го стави на глобалната листа на терористи поради можните напади во оваа земја како и во земјите на нејзините сојузници