Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор на своја рака диктира двојазичност. Иако според Уставот, албанскиот не е втор службен јазик во земјава, државниот секретар во Секретаријатот, Ејуп Алими, не им потпишува на вработените барања за кредит ако тие не се двојазични. Алими за „Дневник“ потврди дека се инсистира и на образец на албански јазик со образложение дека го спроведува Уставот. Вицепремиерот Муса Џафери, пак, немаше информации што се случува во неговиот ресор. Банките потврдија дека имаат притисок освен на македонски, да издаваат документација за кредит и на албански јазик, пишува Дневник.
– Нема да ви одобриме да земете кредит од банка ако барањето и документацијата се само на македонски јазик. Побарајте си од банките да ви дадат двојазичен образец и на албански ако сакате да завршите работа – вака им се обраќал Алими на административците примени според програмата K-5 (вработувања на помалите етнички заедници во земјава според принципот на правична застапеност), каде што освен од албанска националност има и Роми, Турци и други националности.
– Јас не сум од албанска националност и не знам зошто ме присилуваат да им однесам двојазичен образец и плус на албански јазик. Бев во банка да побарам такво нешто, но не ми даваат образец на албански јазик. Kредит итно ми треба, ги исполнувам и условите на банките, а не можам да земам бидејќи не ми го потпишуваат барањето, кое е на македонски јазик. Ова е самоволие и не знам како ќе заврши. Зошто некој ме присилува барањето да биде и на албански јазик, кога јас немам ништо со тој јазик – коментираат за „Дневник“ револтирани вработени преку Секретаријатот што не се Албанци.
Нејасно е како е можно во Секретаријатот да се инсистира на ваква постапка ако се знае дека за двојазични обрасци нема писмена одлука во Владата, ниту ова произлегува од Законот за употреба на јазикот на заедниците што се повеќе од 20 отсто. Ниту е предвидено со највисокиот правен акт, Уставот.
– Според Уставот, албанскиот е втор службен јазик во земјава. Kога на вработените што бараат кредит им барам двојазични обрасци само го почитувам Уставот. Банките треба да го почитуваат Уставот и да издаваат двојазични документи. Ако не го прават тоа, нека работат во друга држава – ни изјави Алими. На прашањето дали има писмен документ за процедурата што ја спроведува, ни објасни дека сам ја прави процената бидејќи бил правник. Според него, за ваквите негови „барања“ се информирани и неговите надредени.
За разлика од него Џафери за „Дневник“ изјави дека прв пат слуша оти тоа се спроведува во Секретаријатот со кој раководи.
– Kај мене до сега не стасало такво барање. Прв пат слушам дека се инсистира на таква процедура. Доколку има вработен кому не му се потпишува барање за кредит поради инсистирање на двојазичен образец, по Рамазан, до кога сум на одмор, нека се обрати лично кај мене – изјави Џафери.
Во банките потврдуваат дека имале случаи клиенти да бараат да им издадат двојазична документација, односно барања за кредити. Потврдуваат дека најчесто станувало збор за луѓе од албанска националност вработени преку Секретаријатот.
целата сторија на Александра Филиповска, Мариела ТраЈковска на Дневник