Директорката,д-р Каролина Симоновска, и стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, соопштија дека стручната комисија не најде никаков лекарски стручен пропуст во третманот, следењето и лекувањето на пацентот.
„ Уште еднаш би сакала да информирам дека пациентот во нашата клиника е веднаш прифатен, направени се бројни анализи, поставен на терапија според интерните протоколи на клиниката, постојано следен, мониториран и под кислородна подршка која е контролирана и мониторирана, а поради невообичаеното рапидно и прогресивно влошување на состојбата на детето, истото беше препратено на КДБ (Клиника за детски болести) по претходен договор и најава со дежурниот педијатар, со организиран транспорт на ИМП (итна медицинска помош) во придружба на лекар и медицинска сестра, во согласност со интерниот протокол за префрлување болно дете во друга институција за продолжување на лекувањето.“ вели Симоновска.
Таа информира дека во тек на само 2.5 месеци превземени се сериозни организациски чекори, план и првична програма за реорганизација на одделот за интензивна нега и терапија, според законските прописи дадени од АКЗУМ. Унапредување на одделот со детален план за доопремување со апаратура за неинвазивна и инвазивна респираторна подршка и веќе е договорен тим на лекари специјалисти кои ќе бидат испратени на адекватна обука. Клиниката за респираторни заболувања кај децата ‘Козле’ поседува интерни клинички протоколи според Медицината базирана на докази кои се спроведуваат децении наназад кај сите наши пациенти“, се наведува во соопштението.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање за случајот со починатото 14-месечно бебе во Скопје, изјави дека е добро тоа што Клиниката за педијатрија презема одреден чекор и тој изрази надеж дека „ќе се разбуди совеста кај менаџментот на болницата во Козле“.
– Ние со правната екипа во Министерството ги разгледавме сите наши можности. Добро е што Клиниката за педијатрија презема одредени чекори и се надевам дека ќе се разбуди совеста кај менаџментот на болницата во Козле. Ќе дадеме официјално до Лекарска комора, таму има етичка комисија што треба да одлучува. Наши препораки ќе има, извештајот е тука. Доколку не му веруваат на извештајот, нека си направат свој, меѓутоа, дека има одредени пропусти, лекарски, има – одговори Таравари.
Директорот на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, Реџеп Мемеди, околу случајот со смртта на 14-месечното бебе, донесе решение за времено отстранување на двајца здравствени работници – доктори специјалисти од здравствената установа, за кои се води дисциплинска постапка, согласно член 192 став 2 од Законот за здравствена заштита, до донесување на конечно решение во дисциплинската постапка.