Нема повеќе кеш за брзите кредити, уплатите и исплатите ќе се вршат преку трансакциски сметки
Новиот Закон за финансиски друштва е подготвен и поминал последно читање, а со него се предвидува укинување на плаќањата во готовина.
Исплатите и уплатите во финансиските друштва ќе се вршат исклучиво преку трансакциски сметки, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според министерката, една од главните новини во законот е забраната за готовински исплати и уплати.
„Не може да има исплати во готовина, уплати во готовина и тоа е нешто што верувам дека финансиските друштва бурно ќе реагираат. Мора да оди преку сметки“, рече Димитриеска-Кочоска.
Таа потсети дека Министерството за финансии уште во 2024 година испратило циркуларно писмо до финансиските друштва, со предупредување да ги почитуваат одредбите од Законот за заштита на потрошувачите. Согласно член 36, одредени опомени и други слични дејствија што ги преземаат финансиските друштва не смеат да им се наплаќаат на граѓаните.
Со новите законски измени, институциите најавуваат дополнително регулирање на работењето на финансиските друштва и засилена контрола врз нивните практики.








