Од Центарот за јавно здравје Скопје негираат дека има голем број заразени од шуга во главниот град и посочуваат дека не е возможно ова заразно заболување да се добие преку пробување гардероба во бутик. И покрај тоа што заразените не се регистрираат секогаш, затоа што заболувањето може да се лечи фармацевтски со креми, сепак, Центарот би имал евиденција доколку дојде до пораст на заболени, пишува ПлусИнфо.
– Нема шуга во Скопје, немаме жалби или какви било информации дека има голема стапка на заразени. Оваа болест не подлежи на пријавување, но сепак би биле информирани доколку дојде до пораст – вели доктор Билјана Даниловска од ЦЈЗ – Скопје.
Како што објаснува докторката, целосно се исклучува можноста шугата да се добие во бутик во некој од скопските трговски центар. За да се развие бактеријата на тело потребен е поблизок и почест контакт со веќе заразена површина.
– Не може од едно пробување на облека да се заразите од шуга. Тоа е паразит кој навлегува во порите на кожата и треба да наиде на медиум, база во која би се одомаќинил. Најчесто се случува да се заразат членови на семејството од еден заболен доколку спијат во иста постела, користат исти пешкири или разменуваат нечиста облека – посочува д-р Даниловска.
Од трговскиот центар „Скопје сити мол“, кој е цел на нападите, излегоа и со демант на обвинувањата.