Работничките кои биле дискриминирани од работодавачи поради бременост, раѓање и родителство да ги пријават телефонските броеви 15 131 и 15 505 илидиректно во Државниот инспекторат за труд, апелира министерството за труд и социјална политика, кое најави борба против оваа појава.
– Досега во Државниот инспекторат за труд нема ниту една пријава по овој основ, иако неофицијалните информации говорат дека при вработување многу често од кандидатките се бараат одговори кои никаде не се запишани на хартија, ниту во објавениот конкурс, а се поврзани со нивната интима – дали се мажени, дали планираат да се мажат, дали имаат деца, дали планираат да раѓаат деца, од што директно зависи одлуката на работодавачот дали ќе го добијат работното место – вели министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.
Ристовски соопшти дека со најновите измени на Законот за работни односи се забранува секаков облик на дискриминација поврзана со пристапот до вработување, условите за работа и сите права од работен однос, вклучувајќи го и откажувањето на договорот за вработување на жените кои се наоѓаат во состојба на бременост или користат права по основ на родителство.
– Забранивме работодавачите при вработувањето да бараат од кандидатите тест за бременост или потврда за таков тест при склучување на договор за вработување со жена, без оглед на видот на работното место – рече тој.
Сепак убаво што е на хартија но дали функционира во реалниот живот – во нашата редакција само се имаат досега јавено жени кои или се избркани за време на бременост, или намерно не им се продолжени договорите. Пријавено е и во инспекција но мајките останаа на улица без работа – наместо да уживаат во мајчинството тие се загрижени за финансии, плави картони и се останато кое безработицата го носи.
Потребна е поенергична акција на терен – инаку џабе закон, велат мајките за МKnews.MK