Необична приказна – еден морнар го нацртал Скопје во 14 век! Кој е морнарот и како успеал да доплови до Скопје? По реката Вардар? Сигурно не! Како тогаш? Тој Скопје го нацртал и го вброил во медитеранските градови, претходно сликајќи повеќе места од Медитеранот, но и пошироко, пишува Вест.
Името на морнарот било Ангелино Дулцерт. Кој бил Ангелино Дулцерт? Покрај тоа што бил морнар, тој постепено се здобил со реномето на еден од најдобрите картографи на неговото време, изработувајќи ги популарните портолани.
Во некои извори стои дека бил Каталонец, но тие, најверојатно, само го ангажирале, а тој по потекло бил Италијанец од Џенова. Најдобри изработувачи на портоланите станале Шпанците и Италијанците. Во еден период, Ангелино Дулцерт живеел во Мајорка каде што станал основач на славната Картографска школа на Мајорка.
Направената географска карта – портолан и цртежот на Скопје не биле случајни туку резултат на соодветните историски околности. Токму тие околности придонеле Скопје да биде вклучено во плејадата значајни градови. Тој портолан Дулцерт го изработил во 1339 година, кога настанале и неговите други значајни карти. Денес портоланот за Скопје, заедно со неговите други ремек-дела, се чува во Националната библиотека во Париз.
Претставена е скопската тврдина, која во тоа време е самото Скопје, централниот дел на градот, заедно со подградието. На преден план е една од главните порти, најверојатно, јужната. Може да се види и дел од внатрешноста на тврдината со полукружни арки, кои може да бидат дел од другите порти на градот. Надвор од неа, прикажана е околината, пред сe, планините кои се означени под името Монс Епирус. Најважниот дел, секако, се бројните кули кои се извишуваат над сите делови од тврдината.
Тие кули посебно се опишани во еден друг историски документ, во Милутиновата повелба од 1300 година. Така, и портоланот и повелбата, како ретки документи, едниот визуелно, а другиот текстуално, зборуваат за исти нешта – импресивните и масивни скопски кули. Некои од тие кули на тврдината зачувани се до денес. На пример, се зборува за облата пирга (кружната кула), хрптата пирга (запчеста или шилеста кула), итн.
На едната од кулите на цртежот се вее знамето на кое е претставен орел со црвена боја на бела основа, како хералдички симбол кој се користел во средновековието. Тој бил преземен од Исток, а потоа бил користен во Византија, но и во земјите кои не потпаѓале под нејзина власт.
Целата сторија ОВДЕ.