Дотраени кабини во лифтовите, расипани мотори, нефункционални индикатори за катовите и нефункционални кочници се дел од сликата што неретко се среќава во голем број станбени згради во градот. Според правилникот и стандардите за домување во станбени згради, ако се утврди дека лифтот е оштетен или неисправен, претседателот на заедницата треба да го исклучи од употреба и да постави известување дека лифтот не работи. Управителот треба да ја извести овластената фирма што е задолжена за одржување на негова проверка и поправка. Секој куќен совет што нема да изврши технички преглед на лифт во зграда ќе се казнува парично од три и пол до седум илјади евра. Иако има закон, сепак тој не се применува секогаш и секаде, затоа и ретко има барања за преглед на лифтови во сопствен објект.
Пешки до 9. кат
Доколку еден лифт во зграда не е исправен, поправките најчесто се прават од индивидуални мајстори, кои сами го отвораат лифтот, влегуваат, го поправаат, што не е безбедно ни за самите нив, а не, пак, за оние што ќе го користат тој лифт. Несериозноста на инвеститорите и на куќните совети ги изложува на ризик станарите при секое влегување во лифт. Нередовното одржување е главно поради финансиската состојба на граѓаните, во немоќ да ги намируваат сите сметки кон куќните совети, па одлучиле да штедат за сметка на редовните контроли на лифтовите.
Жителите на населбата Карпош 3, на улицата Никола Русински, веќе подолг период имаат проблеми со лифтовите. Тие минатата недела се качувале по скалите до 9. кат бидејќи лифтот не работел.
– Техничкиот преглед изнесува од три до пет илјади денари. Исто така, секоја станбена зграда треба да има спогодба или случен договор со акредитирана фирма за одржување на лифтовите и одговорноста да биде во рацете на управителот или претседателот на куќниот совет од зградата – објаснува Кадиевски. Ако се случи некое несакано дејство, некоја несреќа, тогаш одговорното лице ги презема последиците и следуваат парични казни.
Од акредитираните фирми за технички прегледи и испитувања сметаат дека ситуацијата со лифтовите во Скопје е катастрофална, особено во постарите згради. Цената за проверка на еден лифт зависи од неколку фактори, велат од акредитираните фирми. Зависи од староста на зградата, катовите и од неговата носивост, но приближно чини околу 200 евра.
Акредитираните фирми велат дека месечно добиваат по дваесетина барања за поправка на лифтови, и тоа најчесто од фирми, многу ретко од станбени згради.