Како да е сама на светот. 24 годишната Слаѓана Влајковиќ со две мали деца талка по улиците. Непожелна во семејството, неприфатена од институциите, мајката со двата сина викендов единствено на отворена врата наиде во Првата детска амбасада Меѓаши. Невенчаниот сопруг и го свртел грбот, татко и не ја примал назад, нејзината сторија ја пренесува Канал 5 – видеото може да го погледнете на следниот ЛИНК
– Не ги сакам децата. Тоа беше образложените на мојот татко, кој ми рече да ги оставам децата во дом. Јас децата нема ги оставам – раскажа Слаѓана Влајковиќ
Гневот од нечовечноста и стравот од иднината ја натера оваа млада жена да си ја отвори душата пред цела Македонија. Ниту една институција не се огласила на повиците од Меѓаши дека мајка со деца од 11 месеци и 2 и пол години нема каде да преноќи.
– Верувајте сите можни форми, сите обиди мајката со двете многу мали деца да биде привремено згрижена останаа без успех. Нејзиното сведоштво го користиме како апел, социјалниот систем да биде помобилен, пофункционален. Декларативно да не се залага дека Македонија е социјална држава, туку напротив во вакви ситуации да делува интервентно и брзо. – вели Драги Змијанац – – Основач и Извршен директор на Првата детска амбасада Меѓаши
Слаѓана со невенчаниот сопруг живеела 3 и пол години во населбата Железара. Пред неколку месеци ја напуштил и заминал, а неговата мајка ги избркала и снаата и внуците. На разбирање не наишла ни кај својот татко, ни кај маќеата. Добила помош и сместување кај роднини, но тоа било само привремено. Затаиле и институциите. Кога некому му е најпотребна помош, тогаш системот не функционира. Слаѓана од Центарот за социјални грижи побарала и парична помош. Добила одговор дека не и следува бидејќи имала долг кон државата. А долгот бил за телефонски сметки кон три мобилни оператори. Не сака да се раздели од децата, а не гледа излез.
– Ако ме гледа татко ми, сакам да му се заблагодарам што не ми помогна и ме остави сама на цедило. А истото важи и за свекрва ми и сопругот – мојот партнер – револтирана е Слаѓана Влајковиќ
Се надева дека некому ќе му проработи совеста и оти таа и нејзините мали синови ќе бидат згрижени.
Извор – Канал 5