Малечката Мирјана Парис има безмалку благороднички манири, многу убаво е одгледана, воспитана е, многу уредна и се грижи за хигиената. Тоа само уште повеќе ја прави мистериозна нејзината приказна
Малечкото тригодишно девојче оставено пред еден месец во Велика Горица во Хрватска и понатаму се наоѓа во Домот за незгрижени деца во Загреб, а полицијата и Црвениот крст дури денес дознаа кое е семејството на девојчето
Девојчето се вика Мирјана Парис и според првите информации со семејството живеело во загрепската населба Сесвете.
Откако беше објавена нејзината фотографија, во социјалната служба се јавиле дедото на девојчето и пријателка на нејзиниот татко, дознава Јутарњи, кои рекле дека има речиси четири години и сестра близначка. Според прилично нејасната приказна што ја раскажале, девојчињата биле со родителите во Велика Горица и за време на престојот таму родителите се испокарале и во таа гужва го изгубиле детето. Мајката со сестричката заминала за Италија, а таткото се вратил во Загреб. Наводно двајцата мислеле дека девојчето е со другиот родител, па не го барале.
Наводно таткото веднаш сакал да дојде по детето, но бил упатен во надлежниот центар за социјална работа, кој треба да ја испита целата приказна. Сепак, тој во петокот не се појавил во центарот.
Според информациите од дедото, девојчињата се родени во затвор во Швајцарија, а во Хрватска се вратиле пред само неколку месеци. Ниту родителите ниту децата не зборуваат хрватски. Непознатиот јазик што го зборува девојчето е бајашки дијалект на ромскиот јазик. Тој дијалект е дијалект на старороманскиот јазик и нема врска со ромскиот. Со бајашки се служат Ромите во Романија, јужна Унгарија и северна Хрватска.
Наташа Авдагиќ, медицинска сестра во Ребро, Ромка која одлично зборува бајашки, инсистирала да го посети девојчето.
– Девојчето веднаш реагираше на мојот говор. Не зборуваше самата, но беспрекорно ги извршуваше задачите. Кога дојдов, ѝ реков дека сум жедна, а таа ми сипа сок. Потоа ѝ реков дека ми тече носот, а таа ми подаде хартиено шамиче. Кога ја прашав каде е кантата за ѓубре, ме одведе. Проговори само еднаш, на негувателката ѝ рече: „Седни”. Таа, пак, многу емотивно реагираше кога виде дека детето конечно препозна некој јазик. Исто така, ми кажа дека навечер девојчето по неколку пати вика „пат”, што на бајашки значи кревет.
Наташа Авдагиќ на крајот го повторила она што го рекле сите кои биле во контакт со Нина, односно Мирјана: има безмалку благороднички манири, многу убаво е одгледана, воспитана е, многу уредна и се грижи за хигиената. Кога ѝ ставала сок, малку ѝ се истурило и побрзала веднаш да избрише.
– Не знам точно која е нејзината приказна и како завршила во паркот, но сакам да нагласам дека Ромите се секакви, но Ромка никогаш, ама баш никогаш нема да си го напушти детето. Мило ми е дека се мислеше дека девојчето е бегалче, зашто за Ромче никогаш немаше да се покрене ваква акција. Можеби никогаш немаше да дознаеме која е, вели медицинската сестра.