Членовите на групата „Премиер”, кои пред неколку дена свиреле на свадба во Жировница, останале без инструменти. Заедно со фолк-пејачот Благоја Грујовски, свиреле на свадба кај синот на Џевдет, познат пејач во Жировница, и додека траел ручекот, дел од инструментите исчезнале, пишува Вест.
„Со години свириме на свадби кај македонските муслимани низ Западна Македонија и никогаш не ни се случило вакво нешто. Можам да кажам дека свадбата на синот на Џевдет беше една од најубавите и најбогати на кои сме свиреле во овој крај. А кој бил, знае дека нивните свадби траат по цел ден, дека се пее и игра сред село и попладнето се прави пауза за ручек и подоцна пак се продолжува”, вели Гоце, хармоникаш во групата.
На паузата за ручек заминале и музичарите, па бидејќи по ручекот повторно требало да свират, инструментите ги оставиле сред село. Но кога подоцна се вратиле, виделе дека дел од нив им ги нема.
„Ги алармиравме домаќините и сите тргнавме во потрага по инструментите. Половина час баравме и ги пронајдовме фрлени во дворот на полициската станица, која беше во близина на местото каде што се играше. Сигурни сме дека ова е направено само од завист и љубомора кон домаќинот”, изјавија за Вест членовите на “Премиер бенд”.
Вест