Неговиот татко сакал да произведува вино, но тој единствено сакал да произведува обувки. Неговиот патент не сакал никој да го купи, а денес овој човек е милионер со 1.300 продавници за обувките кои сам ги измисли. Ова е приказната на Марио Морети Полегато, сопственик и основач на фирмата за обувки „Geox“.
Кога бил дете, неговиот татко му ја наменил семејната винарија на североистокот од Италија. Но, Марио не сакал да остане во семејниот бизнис.
Кога заминал на одмор во пустината Невада, сфатил дека по долготрајните прошетки неговите нозе станале врели и дека му е ужасно неудобно во обувките, па со своето џепно ноже им направил дупчиња на чевлите.
Веднаш му било подобро и така дошол на идејата да произведува обувки кои во исто време ќе бидат водоотпорни, но и ќе „дишат“.
„Три години работев на патентот, кој потоа им го понудив на сите големи компании во оваа област, но никој не веруваше во мене. Сепак, јас силно верував во тој проект. Идејата беште толку едноставна и многу лесно можеше да се објасни“, раскажува 62-годишниот Полегато.
Кога сите познати производители на обувки го одбиле пред 17 години, тој отишол во банка и подигнал кредит, па го започнал сопствениот бизнис – Geox. И станал милионер.
За почеток вработил петмина млади луѓе од своето село во Италија, кои не ги познавал добро ниту имале некое претходно работно искуство. Денес Geox е глобално популарна компанија во која работат 30.000 работници (вклучувајќи ги и првите петмина) во 1.300 продавници низ целиот свет.
По првобитниот фокус на обувки, постепено се ширеле и на облека. На берзата во Милано се појавиле пред 10 години, со продадени 29% од акциите. Преостанатите 71% се уште се во сопственост на Полегато.
И покрај спектакуларниот раст, Полегато тврди дека во бизнисот со Geox влегол полека, работејќи како тоа да му е хоби, додека за да заработи плата се уште работел во семејната винарија. Сепак жали што со сопствената фирма не започнал порано.
Од денешен аспект, смета дека постапил правилно што својот изум веднаш го патентирал во 100 земји.
„Мора да ги заштитите вашите идеи“, вели човекот чиј што производ сè уште е уникатен. Полегато е член на Европскиот завод за патенти и помага во проценката на номинациите за европската награда во областа на иновациите. Освен тоа, држи предавања за интелектуална сопственост.
Faktor.mk