Долг аплауз во чест на трагично загинатиот новинар Никола Младенов ечеше во киното „Фросина“, на денешната Комеморација, на која присуствуваа членови на семејството, соработници, колеги новинари, јавни личности од општествениот живот, членови на дипломатскиот кор… Младенов, новинар, основач и сопственик на весникот „Фокус“, загина вчера во сообраќајна несреќа во близина на Хиподром.
-Малиот Николче, со кого дружевме во детството израсна во новинариште, педесет килограми нерви и метар и половина инает. Инает за Македонија да биде слободна земја. Сопругата Билјана и неговите две девојчиња треба да бидат горди, имаат со што да се гордеат. Слава ти друже – вака Синиша Станковиќ, пријател од детството и колега се прости од Младенов .
-Никола ме научи многу работи, но едно не ме научи. Како да продолжам без него- рече неговата сопруга Билјана, држејќи ја неговата фотографија во раце.
Се зборуваше за неговата критичност, за борбата за слободно изразување, за сите стресови, со кои се соочил познатиот новинар. Беше човек кој се бореше за подобро новинарсто. Ќе остане запаметен како еден од ретките кои ја критикуваат секоја власт. Тој живееше за таа професија и секогаш се бореше за вистината.
Младенов е роден на 10 март 1964 година во Скопје. Кариерата ја почнува како млад актер, но кон средината на 80-тите почнува да работи како новинар во „Млад Борец“. Потоа го основа радиото Либертас, а во 1995 почнува со издавањето на неделниот весник Фокус. Брендот на Фокус, Младенов го градеше цели 20 години. Во 2011 година го основа и дневниот весник „Фокус“.
Фото – Денешен