Против поранешниот француски претседател Саркози покренато прелиминарно обвинение за “аферата Бетанкур”, односно за нелегално извлекување пари во готовина од најбогатата Французинка со што си ја финансирал предизборната кампања
Саркози е обвинет за злоупотреба на најбогатата жена во Франција, Лилијан Бетанкур, наследничката на компанијата Л’Ореал.
По завчерашното соочување кај истражниот судија во Бордо, меѓу Никола Саркози и послугата на француската милијардерка, поранешниот француски претседател излезе од судот со обвинение за злоупотреба на слабост. Имено, послугата на Бетанкур го обвини Никола Саркози и неговиот близок соработник Ерок Верт дека од старата милијардерка добивал пари во готово за финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година, кои потоа не биле пријавени во сметките.
Проблемот е што во тој период, Лилијан Бетанкур според проценките на медицинските експерти не располагала со сите нејзини ментални капацитети.