Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц, со средба со претседателот Ѓорге Иванов во вилата „Водно“, претпладнево ја почна серијата разговори со македонскиот државен и политички врв.
По разговорите со Иванов, Нимиц ќе има одделни средби и со премиерот Зоран Заев, со министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.
Официјална изјава за посетата и ефектите од разговорите во Скопје медијаторот Нимиц, според најавите од МНР, ќе даде по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Тој во Македонија дојде вчера и по пристигнувањето само кусо порача дека „по Атина очекува добри разговори и во Скопје“.
– Имавме добри средби во Атина. Се надеваме дека ќе имаме добри средби и тука. Се радувам на средбите со Владата и со другите лидери, изјави посредникот Нимиц по пристигнувањето во Скопје.