Нимиц со конкретен предлог за името на крајот на јануари?


По последните внатрешно – политички случувања во Грција, обвинувањата на релација власт -опозиција и јазот меѓу коалициските партнери во Владата поради прашањето со името, изминатите неколку дена Македонија е една од главните теми во грчките медиуми.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, неделното издание на весникот „Елефтерос типос“ на три страници ги анализира македонско – грчките односи. Во првиот дел, во анализата под наслов „Се згуснуваат меѓународните притисоци за решавање на скопското прашање“, предупредува дека во следниот период, а особено пред НАТО Самитот во јули следната година, не е исклучена можноста да се зголемат меѓународните притисоци за решавање на долгогодишниот спор. Според весникот, САД веќе имаат многу посериозни проблеми како што се Блискиот исток и Турција и не би сакале уште еден проблем на Балканот.

„И изјавите на американскиот амбасадор во Атина Џефри Пајат за поддршка на Грција и оптимизам за решавање на прашањето, го откриваат расположението на Вашингтон. Но, и покрај тоа, се чини дека не постојат притисоци кон Атина, но не е исклучена можноста дел од силните европски држави членки на НАТО, а веројатно и Германија, да побараат во првата половина на 2018, да се обезбеди „ветување“, според кое Скопје прво ќе добие потврда дека ќе влезе во организацијата, а потоа, сѐ до нивната конечна интеграција, ќе се водат преговори за решавање на спорот со името“, наведува грчкиот весник и тврди дека за ваквото сценарио е согласен голем дел од власта кај нас, но Атина е категорично против.

„Елефтерос типос“ пишува дека во прашањето за името не се очекуваат суштински случувања до пред крајот на јануари, за кога е закажана втората средба на медијаторот со преговарачите од двете земји.

На официјалниот сајт на Министерството за надворешни работи на Грција, како што јавува дописникот на МИА од Атина, во делот посветен на прашањето за името и хронологијата на проблемот, како јасна грчка позиција се наведува: сложено име со географска одредница пред зборот „Македонија“, ерга омнес, односно за севкупна употреба и внатрешна и меѓународна. Токму ова го споменува и весникот во анализата со коментар дека со самото тоа што учествуваат во владата и ја поддржуваат истата, Панос Каменос и Независни Грци, го прифаќаат овој став. „Елефтерос типос“, земајќи го предвид фактот што заменикот на Никос Коѕијас, Теренс Куик е член на партијата на Каменос, го поставува прашање „како тој ја брани оваа позиција за името на неговите средби со странските функционери?“.

Весникот коментира дека во спорот со името, Грција можеби во минатото изгуби повеќе битки – особено оние со признавањата од други земји, но не ја загуби војната и од неа може да излезе како победник. Потребно е само „да биде подготвена за околностите, да достави јасен предлог, да преговара цврсто и на нејзина страна ќе ја има најголемата политичка поддршка“.

„Елефтерос типос“ прави ретроспектива на најважните моменти во односите меѓу Македонија и Грција, а повикувајќи се на свои извори ги спомнува имињата за кои се разговарало во минатото: Славомакедонија, Новомакедонија, Македонија – Скопје, Вардарска Македонија, Горна Македонија, Планинска Македонија, Нова Македонија, Уставна Република Македонија, Демократска Република Македонија, Независна Република Македонија, Нова Република Македонија, Република Горна Македонија.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1