Џихадистите од Исламска држава се одговорни за ширење на опасна бактерија на подрачјето на Сирија која го разјадува човековото месо, соопшти курдската Црвена полумесечина.
Според податоците на хуманитарната организација, во Сирија во последните 12 месеци се забележени повеќе од 500 случаи на лишманиската болест.
-Како резултат на ужасните недела на ИД, вклучувајќи го и убивањето недолжни луѓе и оставањето на нивните тела по улиците, дојде до забрзано ширење на лишманијаза, изјави претставникот на курдската Црвена полумесечина Дилкаш Иса, а пренесе британскиот весник „Дејли мејл“.
Еден неуменуван курдски борец изјави дека пред војната не знаеле за оваа смртоносна болест. „Веќе четири години се бориме, а оваа болест се појави на подрачјата Тал Хамис, Хона и Коса, кои се зафатени со судирот“.
Светската здравствена организација (СЗО) веќе подолго време предупредува на катастрофалната хуманитарна ситуација во Сирија, каде помош им е потребна за повеќе од 13 милиони лица.
„И покрај нашите напори, четирите години војна предизвикаа назадување на здравствениот систем и појава на различни болести, па така во суседен Ирак се разви и епидемија од колера“, предупреди СЗО.
Според податоците на СЗО, во Сирија од почетокот на војната делумно или целсоно се уништени 58 отсто од јавните болници.