Нов град ќе никне на 20 минути од Скопје


Градоначалникот на Свети Николе, Зоран Тасев, за „Нова Македонија“ ексклузивно открива дека на рутата на новиот автопат Скопје – Штип, кој наскоро ќе почне да се гради, веќе има локација за нов модерен град на површина од 406 хектари. Во проектот во кој е вклучена и Владата се планира елитна населба на 600 метри надморска висина, во шума, која ќе биде на 20-минутна оддалеченост од Скопје и ќе биде магнет за многу скопјани да живеат во еколошка и чиста средина, пишува Нова Македонија.

ПОКРАЈ МОДЕРНИОТ АВТОПАТ СКОПЈЕ – ШТИП ЌЕ СЕ ГРАДИ ЕЛИТНА ЕКОЛОШКА НАСЕЛБА

Педесет години по катастрофалниот земјотрес, на Скопје, кое прерасна во мегалополис, му треба да здивне.

Со најавата на новата модерна сообраќајница Скопје – Штип преку Свети Николе на комплетно нова траса, преку Миладиновци, може да се реализираат две дамнешни желби на урбанистите. Скопје да добие алтернативна „спална соба“, сателит-град, модерна урбана населба на дваесетина минути оддалечена од главниот град, која ќе нуди мирен семеен живот во уреден простор, а во исто време цела источна Македонија да се поврзе со главниот град.

„Да, да, токму така, овој нов пат што ќе нѐ поврзе со метрополата, но кој ќе биде и најкуса и најбрза патна врска и на Скопје со источниот дел од Македонија, веќе 70 години го посакуваме и го чекаме да се реализира.

Зоран Тасев, градоначалник на Свети Николе. првпат открива дека покрај Свети Николе ќе никне нова урбана населба, атрактивна за оние што сега живеат, работат или секој ден патуваат до главниот град. Во овие рамки се планира да се почне со изградба на современа населба, на идеални 550-600 метри надморска висина, во шума, до делот на атарот на селото Малино.

– Тука планираме да правиме една елитна населба, која е еднакво оддалечена и од Свети Николе и од Скопје. Плански локации за винарници со типски и плански објекти и инфраструктура. Почнавме со подготовки да направиме 3Д-анимација, со сите елементи и веруваме дека тоа ќе биде магнет за многу скопјани, во една еколошка и чиста средина. Оттука луѓето за 20 минути ќе се најдат во главниот град, а ќе живеат во една еколошки чиста и мирна природа – истакнува Тасев, кој вели и дека близу Свети Николе ќе биде и идниот карго-аеродром, па треба да се размислува и за локации за центри за пакување и за преработувачки центри околу него.

Благоја Јанев за Нова Македонија

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1