Македонскиот медиумски етер официјално ќе биде збогатен со нов медиум – Националната Телевизија “1ТВ“. Телевизијата ќе започне со емитување редовна програма во етер од 29.03.2018 година (19 часот) и ќе биде достапна за гледачите преку операторите – ОНЕ.ВИП, Телеком, Неотел, Тотал ТВ преку ЕОН, како и на Нет ТВ во целиот свет.
Националната телевизија “1ТВ“ е сочинета од тим на искусни професионалци со долгогодишно новинарско искуство кои ќе се погрижат за воведување и пласирање на различна програмска понуда, со високо квалитетни содржини. Главен и одговорен уредник на “1ТВ“ е Ацо Кабранов, кој по 10 години се враќа на телевизиските екрани со сопствена авторска емисија “Уреднички брифинг“.
Мисијата на новинарската екипа од телевизијата “1ТВ“ е посветено да работи на подигнување на новинарските професионални стандарди, преку објективно, професионално и непристрасно информирање на граѓаните, сѐ со крајна цел – севкупно подобрување на слободата на изразување и информирање. Водени од мислата за збогатување и дополнување на медиумскиот пејсаж, телевизиската екипа ќе се стреми кон пласирање содржини базирани на начелата за програмски и содржински плурализам, застапеност на различни општествени ставови, по сите општествени прашања и теми, како и актуелизирање на проблемите со кои се соочуваат малцинските групи во општеството. На овој начин, “1ТВ“ ќе придонесе за создавање атмосфера на недискриминација и широка инклузија на сите општествени групи, креирајќи “јавен форум“ во којшто секој е добредојден.
Во рамки на “1ТВ“ ќе бидат продуцирани и пласирани програмски содржини според принципот на квалитет, држејќи се до основниот концепт на програма со информативно – забавен карактер. Во фокусот на новата национална телевизија ќе биде продуцирање на телевизиски продукти, изворно создадени на македонски јазик, поддржувајќи ги и поттикнувајќи ги вокално-инструменталната музика, документарните и играните содржини.
Во рамки на програмата на “1ТВ“ гледачите ќе може да следат и специјализирани емисии за судство, економија, шоу биз, спорт, сите во сопствена продукција на телевизијата, како и квалитетни домашни и странски филмови. Централна информативна емисија е “Студио 1“, која ќе се емитува секој работен ден од 17 до 19 часот.