Пресуда со која се утврди дека начинот на кој полицијата собира, обработува и чува ДНК материјал не е во согласност со членот 8 (правото на приватен и семеен живот) од Европската Конвенција за човековите слободи и права донесе вчера (13.02.2020) Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Пресудата се однесува на случај од 2013 година кога двајца жалители застапувани од правниот тим на Коалиција Маргини и ХОПС поднесоа жалба до ЕСЧП со наводи дека во октомври 2009 и февруари 2010 година, полицијата им земала примерок од ДНК без судска наредба и без нивна согласност под сомнение дека извршиле кривично дело. Во постапката против едниот од жалителите примерокот од ДНК не бил искористен како доказ, а не постои гаранција на кој начин и колку време овој податок ќе се чува и за што ќе се искористи во иднина.
Двајцата жалители побараа заштита на нивното право на лични податоци пред Дирекцијата за заштита на личните податоци, но истото беше одбиено како неосновано, со образложение дека полицијата постапила согласно своите овластувања. Жалителите побарале судска заштита против одлуката на Дирекцијата за заштита на личните податоци пред Управниот и Вишиот Управен суд. Управниот суд ја одбил тужбата, а Вишиот Управен ја потврдил одлуката на понискиот суд.
Жалителите тврдат дека ДНК примерокот содржи специфични лични податоци за кои не постои законска гаранција за што ќе се користи и колку време ќе се чува од страна на полицијата. Аргументот на полицијата дека ДНК примерокот е земен со цел да се утврди идентитетот на жалителите е неоправдан и непотребен во услови кога постојат други законски пропишани начини да се утврди идентитетот на осомничените.
ЕСЧП во својата судска практика веќе има утврдено дека самото чување на ДНК податок е мешање во приватниот живот. Во конкретниот случај Судот нашол дека правната рамка што го регулира чувањето на ДНК материјалот не е прецизна. Произволната и неселективна можност да се чува ДНК материјал на жалителите, поврзано со отсуството на доволна гаранција за жалителите да знаат колку време ќе се чува и за што може да се употреби, не обезбедува фер баланс помеѓу јавниот интерес и приватниот интерес. Затоа, државата во конкретниот случај ја пречекорила прифатливата маргина на оценка, па чувањето на ДНК материјалот е непропорционално со правото на приватност на жалителите и не може да се смета за неопходно во демократско општество.
Оваа пресуда е исклучително важна за почитувањето на човековите права на граѓаните од страна на полицијата. Според искуствата на Коалиција Маргини и ХОПС, во периодот кога се извршени повредите, полицијата имаше пракса на арбитрарно земање на ДНК примероци од луѓе што употребуваат дроги, прекршувајќи го нивното право на приватност.
Постапка пред домашните институции и пред ЕСЧП е водена од страна на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници МАРГИНИ и Здружение ХОПС- Опции за здрав живот Скопје, а со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Апелираме, пресудата на ЕСЧП да се почитува и да се споведе во најкус можен рок, пред сé преку донесување на јасна законска рамка за начинот на земање, обработка и чување на ДНК примероци и прекинување на практиката на произолно земање на ДНК примероци и унапредување на третманот кон луѓето кои употребуваат дроги од страна на полицијата.