Последната видео снимка која денеска се гледаше во судницата ја отвори можноста од проширување на обвинението и против други лица за случајот „Обид за убиство“ на Зијадин Села. По прегледувањето на снимката, Јавниот обвинител побара од судот дополнително време за подготовка на завршните зборови, бидејќи постоела можност за измени во обвинението.
– Бараме повеќе време од судот за да можеме да ја анализираме денешната видео снимка. Го очекуваме и записникот од расправата. Постои можност во завршни зборови на постапката да има измени во обвинителниот акт и проширување на обвинението, рече во судницата Јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
На снимката која се емитуваше во судницата, се гледаше како Села е извлечен од групата пратеници кои се наоѓаат во ќошот и е однесен на средина од салата каде повеќемина го тепаат. Неколку часови, судот, обвинителот и адвокатите детално ја анилизираа снимката. Според одбраната, судечкиот совет погрешно го толкувал и нотирал видеото кое се гледаше во судницата. За адвокатот на Села, снимката била доказ дека повеќемина од обвинетите го сториле делото за кое се товарат.
Со емитувањето на последната снимка од настаните во собранието, заврши доказната постапка во случајот Обид за убиство на Зијадин Села. На следната расправа завршен збор ќе има обвинителството кога ќе се знае дали и други лица ќе одговараат за тепањето на Села.