Новинарката Људмила Савчук од Санкт Петербург била еден од „интернет спинерите” на Кремљ, а потоа таа одлучила и да ја открие нивната тајна.
Задачата на Људмила Савчук била по нарачка на Кремљ, односно по нарачка на претседателот Владимир Путин, да шири коментари за одредени теми. Но, таа одлучила да постапи поинаку, и од тогаш стравува за својот живот.
Људмила преку оглас објавен во весник успеала да дојде до компанијатаи до работата , но таа никогаш не успеала да добие договор за својата работа и два месеци не добила плата. Тоа било повод, оваа новинарка да ја тужи компанијата. Пресудата била донесена во нејзина корист, а светот на тој начин дознал за руската „фабрика на спинување” која што работи по нарачка на Кремљ.
Во разговор со „Дојче веле“, Људмила точно опишала како изгледала работата во компанијата, чиј што формален назив бил „Агенција за интернет-истражување“.
– Таму работат мноштво луѓе, кои со запрепастувачко темпо произведуваат коментари, постови, фотографии и видео-записи. Тие негуваат и свои групи на социјалните мрежи, пишуваат блогови, четуваат. Тоа е гигантска работа! Тие се сместени во улица Савушкин во Санкт Петербург, во огромна деловна зграда на четири ката. Сите канцеларии се полни, нема ниту една празна просторија – раскажала Савчук.
Надлежните пак, додава таа, оделе од компјутер до компјутер, делејќи секакви задачи.
– Работата се состои во тоа да се напише некаква конкретна вест. Најчесто, тоа се вести од руската државна телевизија. А тогаш добиваш упатство како треба да се преработи таа вест, кои акценти да се стават. Значи, тебе ти е пропишано мислењето – твоето платено мислење. Структурата на оваа организација е многу комплицирана. Таму постои посебно одделение за анализи, кое што се занимава со вестите на денот. Тоа се главно млади луѓе, студенти или апсолвенти без работа. Луѓето кои работат како „спинери“, не познаваат граници и немаат одговорност. Тие се кријат зад маски, зад лажни профили и мислат дека имаат право се, продолжува таа, при што додава дека за Кремљ се особено важни темите за Украина и САД, односно Барак Обама кој треба да биде претставен како единствен виновник за сите проблеми.
Наспроти тоа, единствено се пофалувани само две личности, претседателот Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
На прашањето дали и било страв кога се одлучила, и тоа на суд, да ја раскринка „сајбер војската” на Путин, Људмила одговара дека уште од самиот почеток стравувала за својот живот, како и тоа дека тој страв е присутен и ден денес, и дека се повеќе се зголемува.
– Внимателно го планирам секое мое движење низ градот. Добивав необични повици од мои поранешни колеги кои сакаа да ме принудат на било каква средба. Не верувам дека некој сака да ме убие, но зад сето ова стојат влијателни луѓе. Мојата цел е нивно целосно разоткривање, заклучува Људмила Савчук.