Американскиот претседател Барак Обама во понеделник пред Генералното собрание на Обединетите нации(ОН) рече дека државите мораат да го почитуваат меѓународниот поредок и ја предупреди Русија да не го поддржува сирискиот претседател Башар ал Асад.
Обама предупреди дека 70 години по потпишувањето на повелбата на ОН, некои приговараат дека постоењето на таа институција повеќе не е оправдано и дека народите би требало да се вратат на старите начини на делување.
Во согласност со таквото размислување гледаме дека некои големи сили се однесуваат на начин спротивен на меѓународното право, смета Обама.
„По таа логика, сите би требало да поддржуваме тирани како Башар ал Асад кои врз недолжни деца фрлаат бомби…“, рече Обама.
Американскиот претседател до крајот на денот би требало да разговара со рускиот претседател Владимир Путин.
Обама во говорот ја спомена и Украина и ја осуди руската агресија врз таа земја, додавајќи дека светот не може само да стои по страна додека Русија го крши суверенитетот на Украина. Истакна дека Америка не сака „враќање во времето на Студената војна“, туку сака Русија да ја реши кризата по дипломатски пат.