Разузнавачките служби на САД ќе продолжат да ги шпионираат странските влади, изјави американскиот претседател Барак Обама во интервју за германската телевизија „ЗДФ“.
Обама нагласи дека го стопирал шпионирањето на лидерите на пријателските земји и додаде дека нема да дозволи оваа програма да ги наруши неговите односи со германскиот канцелар Ангела Меркел.
– Нашите разузнавачки агенции, како и германските разузнавачки агенции, и натаму ќе бидат заинтересирани за намерите на владите во светот. Тоа нема да се измени – рече Обама во интервјуто, што беше емитувано вчера.
– И нема смисла разузнавачките служби да постојат доколку сте ограничени на темите за кои можете да прочитате во „Њујорк тајмс“ и во „Шпигел“ – истакна Обама.
Тој напомена дека суштината на разузнавачката работа е во тоа да дознае што народот мисли и што прави.
Американскиот претседател изјави дека нема да дозволи шпионирањето да го расипе неговиот пријателски и доверлив однос со Меркел.
– Не сакам да го доведам во опасност тој однос со примената на механизмот на надзор и тој на каков било начин да ги загрози видот на комуникацијата и довербата, што ја имаме еден во друг. Тоа што можам јас да го кажам е: С` додека јас сум претседател на САД, германскиот канцелар нема да мора да се грижи за тоа – рече Обама.
Односите меѓу Берлин и Вашингтон се влошија по откритијата на поранешниот разузнавач Едвард Сноуден дека американската Агенција за национална безбедност ги прислушувала мобилните телефони и ги следела електронските пораки на американските граѓани, но и на лица од странство, како и на странски државници, меѓу кои и Меркел.
Американската разузнавачка служба својата работа ја бранеше со борбата против тероризмот и собирањето податоци за безбедносните активности против САД.