Околу 150 припадници на „Сикрет сервис“ се ангажирани за обезбедување на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и неговото семејство, кои го прославуваат Денот на благодарноста во сопственото летувалиште Мар-а-лаго во државата Флорида.
– Моментно трошоците за гарантирање на безбедноста на Трамп и неговото семејство достигнуваат два милиона долари дневно и ќе се зголемат доколку новоизбраниот претседател или неговата сопруга одлучат да патуваат, објави телевизијата Ен-Би-Си.
Целото семејство на Трамп брои 18 членови и ги вклучува неговата сопруга Меланија, 10-годишниот син Барон, четири полнолетни деца, од кои три се во брак, и осум внуци.
Трошоците ќе се зголемат уште повеќе откако Доналд Трамп ќе стапи на должност како претседател на САД на 20 јануари следната година. Тогаш обезбедувањето ќе се зголеми на 920 лица.
Според њујоршката полиција, трошоците за обезбедување на новиот американски претседател во „Трамп Тауер“, каде се наоѓа неговиот дом и бизнис империјата, изнесуваат околу еден милион долари дневно.