Верниците денеска го слават празникот по Водици, Свети Јован кој е слава на многу македонски семејства. Кај народот на овој голем ден постои обичај луѓето да се збратимуваат и да станат некому кум, бидејќи Јован е пример за карактер и почит. Верниците многу често го даваат и името Јован на своите деца, со што се гледа неговата големина.
Ова е една од најчестите слави кај нас, по Свети Никола која ја слави речиси секое второ македонско семејство.
Уште од првите векови Црквата утврдила овој ангел во тело да се прославува веднаш после празникот Боголавление. Тоа е затоа што неговата главна служба, неговото главно дело, се состоеше во подготвувањето на народот за доаѓањето на Помазаникот Исус. Така, иако свети Јован Претеча и Крстител се прославува на неколку пати во текот на годината, неговиот собор т. е. главен празник е на денешен ден.